fbpx

Грците не губат надеж и верба за политиките на СИРИЗА

-

Тактиката на новата грчка влада за пркосење на европските притисоци за продолжување на политиката за штедење и понатаму е прифатена од грчкиот народ. Големите протести за поддршка на владата покажуваат дека народот сè уште ја смета СИРИЗА за херојска, робинхудовска партија, која ќе успее да им помогне да излезат од кризата. Според анкета на телевизијата „Алфа“, 81 отсто од граѓаните ја одобруваат политиката на владата и 79 отсто ги сметаат за позитивни позициите и програмата на Алексис Ципрас. Рејтинзите се изненадувачки во споредба со анкетите пред изборите. СИРИЗА води со 27 отсто пред Нова демократија, што покажува пораст од дури 20 отсто во споредба со изборите.

Поконкретно, СИРИЗА има рејтинг од 45 отсто, а Нова демократија само 18 отсто. Драстично е опаднат и рејтингот на ПАСОК со поддршка од само 2,8 отсто. Ваквите бројки покажуваат дека сè уште нема сомневање дека политиката на СИРИЗА ќе стави крај на проблемите и на маките кои ги носат европските притисоци и барањето на „тројката“. Црвеното светло од грчка страна на вонредниот состанок на Еврогрупата околу договор кој ќе значи само продолжување на програмата за штедење кај народот беше прифатено како херојски акт, прво покажување заби од грчка страна по четири години слепо следење на европските барања за излез од кризата. Со големо уверување беше прифатена и изјавата на владиниот портпарол Гаврил Сакеларидис дека Грција нема да дозволи да се врати на меморандумот за штедење. Голем дел од анализите во Атина велат дека добрата комуникациска стратегија заснована на идејата да се остави одреден впечаток кај народот засега е ефектива. Сè уште никој од граѓаните не се почувствувал измамен иако голем дел од медиумите пренесуваат дека, всушност, новиот пакет за кој преговара Грција нема да биде целосно или драстично сменет, туку ќе содржи само 30 отсто нови измени, а 70 отсто, односно најголемиот дел, ќе остане неизменет како и досега.

Она на што СИРИЗА сè уште собира поени е обидот да се прикаже дека конечниот договор ќе се издејствува на политичко ниво, наместо на ниво на разговори со „тројката“. Поради ова има оцени дека грчката влада можеби не ни посакува договор в понеделник на состанокот на Еврогупата, туку ќе се обиде да издејствува договорот да дојде на вонреден Самит на лидерите на членките на ЕУ, каде има поголема можност за отстапки и за договори, со што повторно би ја покажала својата сила во споредба со она што го прифаќаа претходните влади. Ципрас, според анализите, лови симпатии и на технички детали, како фактот што посочува дека нема веќе „тројка“, иако се формирани технички групи во ЕУ кои го подготвуваат договорот и обврските и ја вршат истата работа како „тројката“. За ова особено гласно коментираше лидерот на ПАСОК, Евангелос Венизелос, кој тврди дека Ципрас само се обидува да замачка очи со тврдења дека води нова, поинаква политика од сè она што досега се работело и предлагало. „Слушаме дека нема меморандум за штедење, но имало програма. Слушаме дека нема „тројка“, ама има три институционални органи и нивни претставници. Слушаме дека нема извештај од анализите на „тројката“, но ќе има техничка помош за да се проверат сите работи. Владата не го прифаќа меморандумот за штедење, но прифаќа 70 отсто од него“, револтирано реагираше Венизелос, коментирајќи дека изјавите и делата на СИРИЗА се контрадикторни.

Сите погледи остануваат завртени кон критичниот состанок на Еврогрупата в понеделник. Иако на почетокот и од грчка и од европска страна се изразуваше оптимизам за договор, и двете страни како да ја завртеа касетата на другата страна и изразуваат воздржан песимизам дека можеби ќе биде потребно подолго време за да се најде договор кој ќе биде прифатен и од двете страни. Големите европски сили и натаму туркаат кон тоа Грција да продолжи со досегашните обврски и договор, додека, пак, Ципрас не отстапува од барањата за програма која ќе ја реформира Грција без да ги понижи и финансиски осиромаши граѓаните, коментирајќи и натаму дека веќе нема да има приватизирање на државни компании, ќе има подобрување во работничките услови и плати и ќе има подобар социјален систем, особено за најмаргинализираните групи. Покрај тешката партија покер што се води со „тројката“, над Ципрас стои и прашањето за избирање нов претседател. Според шпекулациите во Атина, премиерот можно е да го најави кандидатот викендов, а за тоа да ги извести европските партнери и актуелниот претседател Каролос Папуљас в понеделник.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...