fbpx

Грците денеска избираат меѓу промени и статус-кво

-

Повеќе од 9,8 милиони грчки граѓани денеска одлучуваат за иднината на државата на најкритичните избори во државата досега. Надеж за промена со СИРИЗА, која ќе внесе доза неизвесност при преговорите со европските кредитори или продолжување на политиката на Нова демократија за да не се „лула грчкиот брод“. 

Гласањето завршува во 19 часот, а првите официјални резултати се очекуваат околу 21.30 часот по локално време.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи гласањето, во 19.449 гласачки центри се одвива без проблеми и без никакви инциденти. Во одредени изборни центри низ Грција и на грчките острови има доцнење поради проблеми со лошото време.

Главна ѕвезда на изборите е првиот човек на СИРИЗА, Алексис Ципрас, кој беше дочекан пред изборната единица од неколку стотици новинари и фоторепортери. Цела Грција и Европа немаат сомневање дека СИРИЗА ќе победи на изборите, но очекуваат со нетрпение да се реши дилемата дали Ципрас ќе успее да освои доволно висока поддршка да може сам да формира влада или, пак, ќе се обиде да формира коалициска влада. По десетина минути неможност да даде изјава поради големото медиумско присуство, Ципрас се качи на столче за да може да ја испрати последната порака до гласачите. 

– Одговорноста им припаѓа на сите. Денеска е историски ден, гордоста и достинството се враќаат назад. Грчкиот народ денеска треба да го направи чекорот кој ќе ја врати надежта, ќе стави крај на стравот и ќе ја врати демократијата и достоинството на државата. Дилемата е јасна, народот треба да одлучи дали во Грција ќе се врати „тројката“ за мерките кои ги одлучи Самарас или од утре ќе почне тешко преговарање за враќање на достоинството – изјави Ципрас со став на веќе избран премиер.

Андонис Самарас, досегашниот премиер, изрази надеж и оптимизам за победа.

Оптимист сум дека никој нема да ја стави во опасност европската перспектива на нашата татковина. Ќе победиме – истакна Самарас, повикувајќи се на стратегијата дека влада на Сириза ќе го загрози европскиот статус на Грција. 

Дури и во последните моменти, директно им се обрати на неопределените гласачи, со надеж дека тоа ќе успее да го дигне минимално рејтингот на Нова демократија, која според последните анкети, каска околу 7 отсто зад СИРИЗА.

Неговиот коалициски партнер, Евангелос Венизелос, кој ќе се бори за четвртото место, од Солун порача дека се надева народот да направи избор кој ќе ја однесе државата кон подобро, а не кон полошо. Ставрос Теодоракис, првиот човек на Река, која може да биде третата најпопуларна партија, рамо до рамо со Златна зора, посочи дека одлуката на гласачите очигледно е да се сменат досегашните први партии, односно да се казнат ПАСОК и Нова демократија, кои ја донеле државата во оваа ситуација.

Граѓаните поделени во мислењата и со гласовите, некои се надеваат на големи промени, други бараат стабилност во државата, трети, пак, не веруваат дека ниту една партија може да донесе промени. 

– Да ја пробаме и СИРИЗА – ни велат некои од граѓаните, коментирајќи дека сè досега е пробано од Нова демократија и од ПАСОК, па зошто да не видат и што ќе донесе СИРИЗА. Дел од нив, меѓутоа, велат би било добро да нема апсолутно мнозинство за да се има некаква контрола над тоа што се случува.

– Очекувам промена. Да се промени нашиот живот малку од малку – вели една пензионерка по гласањето.

Помладите очекуваат подобри работни услови.

– Се надеваме да се подобрат работите, од тоа како што се сега, барем да се подобри малку од малку. Има голема невработеност, немаме работа, децата немаат што да ни работат кога ќе дипломираат. Оптимист сум дека со новата влада нешто ќе се смени – вели друга нејзина сограѓанка.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...