fbpx

Грците бараат владата да престане да го осиромашува народот

-

Грците денеска излегоа на протест во знак на револт од новите мерки за штедење со кои дополнително ќе се намалат пензиите и ќе се зголемат даноците. На улиците излегоа пензионери, млади, државни службеници, новинари, илјадници луѓе кои се разочарани од политиката на владата на СИРИЗА.

Протестите доаѓаат како кулминација на 48-часовниот штрајк кој од петокот го прогласија работничките синдикати. Граѓаните, демонстрирајќи мирно на улиците на Атина, бараа владата конечно да покаже солидарност со народот, да престане да ги осиромашува по секоја основа и да ги брка младите од државата. Велат дека се разочарани зашто иако СИРИЗА е левичарска влада, наместо да покаже поголема солидарност со народот, одлучува да изгласа мерки кои ќе зададат дополнително финансиско стегање на ременот и намалување на семејниот буџет во време кога постојано се зголемуваат трошоците за живот.

Најпогодени се пензионерите чии приходи дополнително ќе се намалат, но и оние пред пензија кои знаат дека ги чека многу посиромашна иднина од таа што ја планирале.

– Нашите пензии се намалени за 40 отсто и отсега неизвесна е иднината за тоа каде ќе сопре намалувањето на пензиите. Луѓето се во очај, секојдневно се измачуваат и се борат да го спасиме само она единствено што им е останато на пензионерите, нивната пензија – вели еден пензионер, додавајќи дека парите им се неопходни не само лично за нив туку и за да им се помогне на нивните невработени деца.

– Оваа влада победи со изјави дека ќе ги искине мерките за штедење, а во суштина не само што не направи ништо, не само што ги потпиша мерките, туку додаде и нови. Во една земја во која има 1,5 милион невработени, каде од вработените 45-50 отсто не се платени од 2 до 20 месеци и 35 отсто од нив се пријавени на половина работно време, а работат целосно, овие мерки за пензиски и за даночни реформи се како надгробна плоча. Завршиме, целосно сме уништени – вели еден од демонстрантите.

Против мерките се и трговците кои стравуваат дека новите даночни поскапувања на храната, пијалаците, облеката, туристичките и на хотелските услуги ќе значат и нови загуби поради ограничената куповна моќ на народот, а со тоа и нови затворања на продавници и на претпријатија.

– Овие нови реформи значат нови зголемувања на даноците и ако се изгласаат, денеска ќе биде крајот на малите и на средните претпријатија и трговци во Грција – вели претставник на здруженијата на трговци.

Независно од барањата на народот, процените во Грција се дека мерките ќе се изгласаат и тоа со парламентарното мнозинство на владејачката коалиција СИРИЗА – Независни Грци. Доколку поминат мерките, грчката влада од утре ја очекува нова борба со европските кредитори и со ММФ кои бараат дополнителен пакет од 3,6 милијарди евра како гаранција дека Грција ќе ги исполни договорените обврски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

До обвинителството не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите

Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство, [email protected], не пристигна ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите, соопшти...