fbpx

Грција во трка со времето

-

Европската Унија и САД праќаат нови пораки и апел до Грција да се забрзаат преговорите и да се дојде до конечен договор. На синоќешната средба на силната европска тројка, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд и претседателот на Комисијата, Жан Клод Јункер, според светските медиуми, присуствувале и претседателката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристин Лагард, и првиот човек на Европската централна банка, Марио Драги, за подетално да разговараат за Грција и за можноста да се направи план за да се дојде до конечен договор со Грција, за точките за кои меѓународните кредитори би можеле да отстапат, но и за обврските кои очекуваат без никаков изговор да бидат исполнети.

Средбата заврши со една јасна порака дека треба да се интензивираат и забрзаат преговорите во врска со Грција.

Според информациите на весникот „То вима“, постои можност грчката влада и меѓународните кредитори да се договорат за преоден договор за да се избегне грчка катастрофа. Идејата е да се направи привремен договор, кој би помогнал да се одложи за неколку месеци конечниот договор со обврски и со услови за Грција и истовремено да овозможи непречено исплаќање на финансиската помош за државата. Договорот би помогнал да се овозможи финансиска стабилност во Грција во текот на летните месеци, со што грчката влада ќе има можност да исплати плати и пензии и да ги исполни своите финансиски обврски кон кредиторите во висина од 8,5 милијарди евра до крај на август.

Засега не протекуваат информации за тоа што би можел да содржи тој договор и понуда до Грција, но светските медиуми јавуваат дека можно е петорката да испрати телеграма до владата со можни предлози и со последна понуда Грција да ги прифати идеите или да остане со празни раце. Грчката влада ноќеска одржа вонредна седница на владата во премиерскиот кабинет за да ги следи случувањата и можните одлуки од средбата на Меркел, Оланд, Јункер, Лагард и на Драги и да ги усогласи ставовите во врска со тоа што би било прифатливо, а што не за Атина. Премиерот Алексис Ципрас и неговата влада се надева на брзо конечно позитивно и политичко решение, кое ќе стави крај на четиримесечниот преговарачки маратон, кој никако не може да дојде до крај поради несогласувањата околу црвените линии на Грција. Како течат преговорите, според информациите, сè повеќе се создава јаз меѓу различните струи во СИРИЗА, а Ципрас е растргнат меѓу барањата на меѓународните кредитори и црвените линии на неговите сопартијци, но и меѓу потребата што побргу да се дојде до решение за државата да не се најде пред банкрот. Според информациите од владиниот кабинет, сите работи, преговори и договори треба да се завршат до крај на јуни за Грција да може да земе оддишка и да заврти нов лист.

Покрај притисокот што побргу да се најде решение за Грција да не се соочи со банкрот или избори, грчката влада се соочува со краен рок до петок да ја исплати новата рата од 1,6 милијарда евра до ММФ.

Во владејачката партија владее сè поголема нервоза и поделеност, нешто што се виде и преку несогласувањата со изборот на новата грчка претставничка во ММФ, против која се побуни половина од партијата. Вицепремиерот на владата, Јанис Драгасакис, испрати порака дека Грција нема да дозволи да биде уценувана и нема да прифати никакви телеграми со содржина „прифати или остави“ ниту, пак, предлози кои не се целосен заеднички компромис. Драгасакис се закани со избори, а пратеникот на Независни Грци, Никос Николопулос, отиде до таа мера да најави и избори на 28 јуни.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.