fbpx

Грција во трка со времето да избегне исклучување од шенген-зоната

-

Во Атина владее загриженост и вознемиреност по новиот европски ултиматум до Грција за подобро справување со бегалската криза. Европската унија ѝ даде во суштина три месеци на Грција да покаже дека може поефикасно да ги штити границите од бегалците и од мигрантите, кои се обидуваат преку неа да дојдат до западноевропските држави. Ова значи дека Грција мора да покаже поефикасна регистрација на бегалците, нивно идентификување, евидентирање и евентуално враќање на тие што не се од воените зони.

Европа со овој ултиматум покажува разочарување од начинот на кој Грција потфрлила при контролата на бегалците досега и очекува од неа наскоро да направи драстични промени. Од петте прифатни центри, Грција има подготвено само еден, а треба да работи и на тоа подобро да ја заштити поморската граница, подобро да ги подготви прифатните центри и контролните пунктови за да се засили контролата за тоа кој може од Грција да замине кон Германија, Австрија или некоја друга земја во ЕУ. Во спротивно, ЕУ ќе ја исклучи Грција привремено од шенген-зоната, чекор кој несомнено ќе ѝ донесе нови проблеми и околу бегалската криза, но и туристичкиот бран и економската размена на државата, која и онака тоне во проблеми поради мерките за штедење и финансиската криза.

Премиерот Алексис Ципрас од Израел, каде го затекна веста за новиот европски ултиматум, испрати порака дека постојаната игра на обвинување на Грција за бегалската криза не е ефективна.

– Прашањето не е само да ја делиме вината, туку да ја споделиме тежината на проблемот, без оглед на тоа дали ова го разбираат бирократите во Брисел или не – истакна Ципрас.

Остро реагираше и владината потпаролка Олга Геровасили, која забележа дека наместо Европа да го спроведува договорениот план за решавање на бегалската криза преку договорот со Турција, Унијата се обидува да ја фрли вината врз Грција и да изврши неконструктивна изолација преку заканата за излез од шенген-зоната. Според Геровасили, заклучоците за начинот на кој Грција се справува со бегалците се невалидни бидејќи се базираат на контролната процена изведена пред два и пол месеци, кога работите биле поинакви од сега.

– Проблемот е сериозен и тактиката на меѓусебно обвинување и на префрлање на вината не е ефективно справување со историски тежок проблем, за кој е неопходна заедничка акција од сите земји-членки на ЕУ. Грција ги надминува своите можности за да ги исполни ветувањата и очекуваме сите други да го направат истото – истакна Геровасили.

Грчкиот весник „Етнос“ јавува дека на грчко-македонската граница вчера пристигнале само шест припадници на Фронтекс со двајца преведувачи, кои, наводно, треба да ги засилат и да ги помогнат грчките граничари. Војниците вршат регистрација и контрола на бегалците, ја проверуваат автентичноста на нивните документи и прават јазични проверки за да се утврди дали навистина се од Сирија, Авганистан или Ирак.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деградиран рускиот свештеник што ја водеше комеморацијата на Навални

Рускиот свештеник кој ја предводеше комеморацијата на опозицискиот лидер Алексеј Навални е деградиран од водечките црковни служби и му е наредено да отслужи тригодишно „покајание“, пренесе Гардијан. Свештеникот Дмитриј Сафронов...