fbpx

Грција со критика за Македонија поради затворањето на границата за Авганистанците

-

Грчкиот министер за миграциски прашања, Јанис Музалас, ја критикуваше Македонија за прекршување на европскиот договор за бегалската криза, со кој се гарантира дека границите за бегалците ќе бидат отворени и слободни за премин до 6 март. Коментарот на Музалас доаѓа по одлуката да не се пропуштаат бегалци од Авганистан од Грција во Македонија, поради што од грчка страна од вчера се заглавени околу 4.500 бегалци.

– Овој чекор го прекршува договорот направен пред 16 часа со Европската унија. Веќе преземаме дипломатски чекори, бидејќи ова прекршување на договорот значи дека се менува статус кво ситуацијата – истакна Музалас во интервју за телевизискиот канал на грчкиот парламент.

Музалас посочи дека кај европските лидери постои вознемиреност зашто Македонија го прекршила овој европски договор. Грчкиот министер критикуваше и дел од европските членки, без директно да посочи за кого зборува, дека се однесуваат како сакаат, еднострано, што според него, покажува дека некои европски држави сè уште немаат постигнато европска култура на однесување, што ќе се одрази и на начинот на справување со кризата.

За Грција дополнително загрижувачка е и одлуката на Австрија да се свика состанок со државите од Западен Балкан за бегалската криза само неколку дена по одлуката драстично да се ограничи бројот на бегалци што може да бидат прифатени во државата и само кратко време по договорот во Брисел да не се прават еднострани чекори и границите да бидат отворени до следниот самит, односно 6 март.

Првиот човек на Европскиот парламент, Мартин Шулц, во интервју за германската државна телевизија АРД, предупреди дека ако се затворат македонската граница и балканската рута, Грција ќе стане едно големо паркиралиште за сите бегалци.

– Ако се затвори границата меѓу Македонија и Грција, ако се затвори балканската рута, тогаш што ќе прават луѓето? Ќе се обидат да стигнат до Албанија, до Македонија, до Црна Гора за да поминат преку Јадранско Море во Италија и потоа во Австрија – истакна Шулц.

Дециден беше дека затворањето на границите не го решава проблемот, поради што е неопходно европските лидери да разберат дека мора подобро да се распределат бројките на прифатени бегалци низ цела ЕУ.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...