fbpx

Грција предвреме ќе избира претседател идната недела

-

Политичката криза во Грција изнуди предвремено гласање за избор на нов претседател на државата. Наместо во февруари или во март, гласањето ќе биде идната недела – 17 декември.  Грчкиот премиер Андонис Самарас и вицепремиерот Евангелос Венизелос направија неочекуван пресврт со вечерашната најава дека се забрзува процесот на избор на претседател, кој според регуларната процедура требаше да се случи на почетокот на 2015 година. Самарас утре ќе ѝ се обрати на јавноста и ќе го објави името на кандидатот на владината коалиција.

„Премиерот Самарас и вицепремиерот Венизелос откако го известија претседателот на државата побараа од спикерот на Собранието да го забрза процесот за избор на претседател и соодветното гласање ќе се случи на 17 декември 2014“, најави преку соопштение владиниот потпарол Софија Вултепси. Како причина за предвременото гласање се наведува политичката неизвесност во која СИРИЗА ја има втурнато Грција со барањето за предвремени парламентарни избори и целта да се стави крај на ваквата ситуација за успешно да се завршат преговорите со „тројката“. Според Вултепси, СИРИЗА го нарушува имиџот на Грција како политички и економски стабилна држава, поткопувајќи ја нејзината позиција за преговарање со претставниците на „тројката“.

Во  Грција парламентот го избира претседателот, односно не се распишуваат народни претседателски избори. Според официјалната процедура, за кандидатите се гласа трипати во собранието и доколку и по третото гласање не се избере претседател, се распишуваат предвремени парламентарни избори. Првото собраниско гласање ќе биде на 17 декември, второто е закажано за 22 декември, а третото на 27 декември. Во првата и во втората фаза, за да се избере претседател, потребно е мнозинство од 200 пратеници, а во третата 180. Во моментов постои големо сомневање дека владеачката коалиција на Нова демократија и на ПАСОК ќе успее да обезбеди 180 пратеници. Самарас и Венизелос во моментов имаат маргинално мнозинство од 153 пратеници. Доколку не успеат за нивниот кандидат да добијат поддршка од 180 членови на парламентот, тогаш, според законот, за 10 дена се распишуваат предвремени парламентарни избори, кои се проценува дека би можеле да бидат на 18 или 25 јануари.

Ова е првпат како грчкото собрание ќе продолжи активно да работи, наместо да паузира за време на божикните празници.

Одлуката претседателските избори да се распишат порано доаѓа само еден ден по изгласувањето на буџетот за 2015 година, со 155 гласови во парламентот и по одлуката на еврогрупата Грција да заврши со сите обврски и мерки за штедење во првите два месеци од идната година.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...