Грчката влада планира да подготви уште 30.000 нови места за сместување на бегалците во следните 20 дена. Одлуката беше донесена на првиот состанок на владиниот Совет за бегалска и мигрантска политика за да се зголемат сместувачките капацитети и бројот на прифатни центри, за да се одговори соодветно на големиот бран бегалци во државата и полека да почнат да се празнат дивите бегалски кампови во Идомени и во Пиреа.

Засега во Грција бегалските центри имаат капацитет да примат до околу 38.000 луѓе, што не е доволно ако се земе предвид дека во земјата сè уште има повеќе од 48.000 бегалци.

Како што истакна портпаролот на координативното тело за справување со бегалската криза, Јоргос Кирицис, прв приоритет на грчката влада е да се расчисти бегалскиот камп кај Идомени. За оваа цел уште од денеска ќе се интензивираат напорите за информирање на бегалците во кампот за нивно префрлање во мигрантски центри.

На Идомени ќе бидат донесени автобуси за да ги пренесат во центрите, а ќе се зголеми бројот на преведувачи кои ќе им објаснуваат и ќе се обидат директно да ги убедат да заминат од кампот каде условите за живот се ужасни.

Засега државата има на располагање 2.000 празни места каде може да ги смести, а за дваесетина дена се очекува да има доволно капацитет за целосно да се растовари Идомени и сите да бидат сместени во подобри услови во прифатните центри.

– Првиот чекор за справување со ситуацијата на Идомени е да го интензивираме информирањето на луѓето, да им кажеме дека има прифатни центри, но и општо дека границите се затворени и целосно е безизлезно да продолжат да остануваат таму. Прв приоритет ни е да се олесни ситуацијата таму и да им се олесни и на луѓето – истакна Кирицис со оптимизам дека ќе успеат следниве денови да префрлат дел од луѓето во центрите во кои има 2.000 празни места.

Владата планира да вработи уште 500 нови луѓе кои ќе помагаат и за подготвување на сместувачките капацитет и за комуникација и за помош на бегалците.