Во клима на голема вознемиреност и незивесност, во Грција се исчекува следната партија од тензичните разговори меѓу премиерот Алексис Ципрас и европските кредитори. Недела е крајниот рок за завршување на преговорите меѓу Атина и Брисел. Ќе донесе ли викендот конечно договор или Грција ќе се соочи со банкрот? Оптимизмот што владееше на почетокот од неделата за можен поволен договор, полека избледнува под притисоците на европските кредитори за уште построги мерки за да се одобри нов финанскиски пакет за Грција.
Несогласувањата меѓу грчката и европската страна ескалираа со уште еден пропаднат состанок на Еврогрупата и со размена на остри изјави меѓу Ципрас и првиот човек на Советот на ЕУ, Доналд Туск.
„Играта заврши за Грција“, остро посочи Туск во порака до Ципрас, од кого доби молскавичен одговор дека милион невработени и илјадници семејства кои се издржуваат само со пензиите на бабите и на дедовците не се никаква игра, барајќи Европа да не го потценува народот, кој и онака се чувствува понижен. Иако во Брисел на почетокот на неделава замина решен да се врати со одржливо решение, вчера Ципрас беше драматично изолиран и на мета на многу остри критики од сите европски лидери, кои од него бараат поголема волја за компромис, прифаќање на нивните предлози за реформи. Германската канцеларка Ангела Меркел дури истакна и дека Германија нема да дозволи Грција да ја уценува.
Од грчка страна инсистираат дека тие имаат направено сè што можат за да се постигне компромисен договор, прифаќајќи голем број предлози кои не се дел од нивната програма и ветувања кон граѓаните. Министерот за финансии, Јанис Варуфакис, изјави дека барањата на кредиторите се парадоксални, додавајќи дека Грција прави сè за да се постигне компромис и да се остане во еврозоната, но не може да прифати договор кој смета дека е неодржлив за справување со грчкиот долг.
Дел од аналитичарите во Грција коментираат дека е многу тешко со сигурност да се каже што ќе донесе викендот за државата. Владее неизвесност и воздржаност и не се даваат дефинитивни прогнози. Оцените се дека е јасно дека потенцијалниот нов договор ќе биде многу тежок за Грција, со строги мерки за штедење кои повторно ќе донесат економско страдање за државата. Но, забележуваат дека дури и овој нов финансиски товар и рецесивни мерки се, можеби, подобри и ќе се пребродат полесно од справување со неизвесноста и со катастрофалната ситуација која ќе надвисне над Грција доколку државата се соочи со излез од еврозоната и со враќање на драхмата.
Атина и Брисел и по пет месеци сè уште не може да се договорат и да се најдат на иста бранова должина околу прашањата за данокот од туристичките услуги, данокот на додадена вредност за островите и трошоците за армијата, како и за здравственото и за пензиското осигурување на одредени групи. Грчките медиуми пренесуваат дека кредиторите бараат поголеми даноци на островите, зголемување на даноците за земјоделците и за трговските друштва, укинување на субвенциите за дизел за земјоделците, преполовување на помошта за греење за посиромашните семејства, ограничување на предвременото пензионирање.