fbpx

Грција меѓу протести и парламентарно гласање за мерките

-

Пред и во грчкиот парламент, денеска ќе се водат вистински борби за новиот строг пакет мерки што грчката влада го договори со европските кредитори. Грчките пратеници денеска треба да го изгласаат пакетот мерки за тој да добие прво зелено светло во ЕУ и да почне да се гласа и по останатите европски парламенти за да се спроведе.

Паралелно со расправата, Грците се бунтуваат пред парламентот, барајќи владата да го повлече договорот кој нуди нова рецесија, нови поскапувања, нови финансиски отежнувања и стегање на ременот во и онака финансиски тешките услови кои се дополнително отежнати со затворените банки.

Банките остануваат затворени и утре, без да биде јасно точно кога ќе отворат и кога ќе заврши лимитот на банкарските трансакции, сведен на повлекување 60 евра дневно од банкоматите.

На улици се синдикалците од работничкиот синдикат АДЕДИ, кој прогласи 24-часовен штрајк и протест пред собранието, а на кој ќе се приклучат и синдикатите на компанијата за електродистрибуција и професорите, како и фармацевтите кои во знак на револт за мерката што дозволува продажба на лекови во поголемите продавници, денеска се, исто така, на целодневен штрајк, со аптеките под клуч. Во целосен прекин е и железничкиот сообраќај, а делумен штрајк прогласи и јавниот превоз во Атина. За вечер е закажан голем народен протест против одлуките на владата, кој ќе трае сè додека не заврши гласањето за мерките.

Самиот премиер Алексис Ципрас изрази незадоволство од мерките во неговото прво појавување по постигнувањето договор. Во интервју за државната телевизија ЕРТ, истакна дека договорот е тежок, како и дека потпишал договор во кој не верува целосно.

– Потпишав договор во кој не верувам, но обврзан сум да го спроведам и ја преземам одговорност за тоа. Нема да избегам од моите обврски и ќе се обидам да го спроведам мојот политички план во следните четири години – истакна Ципрас.

Уверуваше дека нема да има намалување на платите и на пензиите, вети дека ќе направи сè за да ја одржи СИРИЗА обединета, а посочи и дека не посакува избори ниту размислува за влада за национален спас.

Гласањето се очекува да почне доцна во ноќта, можеби и по полноќ бидејќи комисиите и парламентарните групи имаат многу кратко време да го разгледаат и да расправаат за мерките и за легислативите што треба да поминат за пензиските реформи, измените во ДДВ, независноста на статистичката служба и мерката за автоматско блокирање на државното трошење долколку владата не ги исполни ветените обврски како примарниот суфицит.

Борбата меѓу оние кои ќе ги поддржат мерките и оние кои се против се очекува да биде исто толку жолчна, како и протестите пред собранието, иако е извесно дека мерките ќе поминат. Пакетот мерки ќе ги поддржат со сигурност опозициските партии Нова демократија, ПАСОК и Река, партијата Независни Грци ќе гласа само за дел од мерките, односно за тие што се договорени на лидерската средба, додека, пак, целосно неизвесно е колкав дел од СИРИЗА ќе застане зад премиерот Алексис Ципрас, а колку од нив ќе гласаат против или воздржани.

Денешното гласање ќе ја одлучи и иднината на владата и на парламентарниот состав. Доколку повеќе од 30 пратеници на левичарската партија СИРИЗА гласаат против мерките, Ципрас ќе се најде исправен пред голем проблем и неопходност за драстични промени. Во зависност од гласањето, ќе се одлучи и за реконструкцијата на владата и за тоа колку длабоки ќе бидат промените.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

И годинава документите за упис во средно ќе треба да се достават и електронски и во хартиена форма

Министерството за образование и наука (МОН) денеска го објави конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2024/2025 година. Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши...