Фото/Принтскрин-видео

Претседателката на Националниот комитет за имунизација Александра Грозданова на денешниот брифинг со новинарите на тема „Митови и вистини за ковид вакцините“ организиран од страна на Лекарска комора на Македонија истакна дека вакцините „Фајзер/Бионтек“, „АстраЗенека“, „Синофарм“, „Спутник“ се безбедни вакцини и ризикот од нивното примање е илјадници пати помал од ризикот кој со себе го носи вирусот ковид-19.

Таа додаде дека планот за вакцинација со „АстраЗенека“ кај постарото население се одвива одлично, а околу 75 проценти од здравствените работници веќе се вакцинирани со „Фајзер“ и „Спутник“.

Во однос на безбедноста на вакцината „АстраЗенека“ таа вели дека вакцината не е суспендирана за помладите, туку државата само ги следи искуствата од другите земји.

„Секако нашиот Национален план за имунизација предвидуваше да се опфати населението над 77 години, за потоа да ја спуштаме возрасната граница. Не се сомневам во потврдата на безбедноста и ефикасноста за АстраЗенека, но не можевме да ги асптрахираме сите информации кои доаѓаа од другите земји и да бидеме претпазливи. Според препораките од СЗО, станува збор за комплетно безбедна вакцина и за лицата под 60 години,“ вели Грозданова.

Имајќи предвид дека Германија препорача оние кои се вакцинирале со прва доза „АстраЗенека“ да се ревакцинираат со „Фајзер“, на прашањето на Мета, која ќе биде препораката за оние 10.000 граѓани кои се вакцинираа во Србија, а најголем дел од нив со „АстраЗенека“, Грозданова вели дека нема потреба од паника.

„АстраЗенека“ е една од најквалитетните, најбезбедните и со најмногу искуство вакцина. Повеќе од 17 милиони луѓе во Велика Британија се вакцинирани со оваа вакцина, вели претседателката на Националниот комитет за имунизација

Грозданова посочува дека Комитетот за безбедност на Европската медицинска агенција, кој заседаваше вонредно, уште еднаш потврди дека вакцината е безбедна и за помладите. Таа додава дека изолирани регулаторни тела на поедини држави излегоа со нивни препораки, бидејќи на пример во Германија на 125.000 се појавил еден со тромоботичен ефект. Норвешка, Данска, имаат други вакцини и затоа во нивните Национални планови за вакцинација нема да се поремети ништо ако оваа вакцина се суспендира.

На милиони дози аплицирана вакцина, за овие три месеци инциденцата за тромбоза е мала, потенцира Грозданова

Таа вели дека најдобра е онаа вакцина која во моментот ви е достапна. Искуствата од сите земји во светот каде што во последните четири месеци се врши имунизација покажуваат дека сите четири вакцини се безбедни.

За граѓаните со одредени заболувања, таа вели дека нема да има препораки за да се прима одредена вакцина. Грозданова смета дека најдобро е секој еден граѓанин во зависност од моменталната здравствена состојба, историја на болест ако има да се консултира со матичниот лекар или специјалистот.

„Не е исто на пример дали моментално имате некоја онколошка болест, или сте излекуван или колку време поминало. Затоа е најдобро консултацијата освен со матичниот да ја направите и со специјалистот,“ советува Грозданова.

Директорот на Институт за имунобиологија и хумана генетика Александар Петличковски рече дека пациентите кои примаат хемотерапија треба да ја примаат вакцината пред или неколку дена после хемотерапијата. Истото го советуваше и за бремените жени, родилките да направат консултација со својот гинеколог, иако не гледа пречка тие да бидат вакцинирани.

Во однос на безбедноста на „АстраЗенека“, Петличковски даде пример дека има 4 до 6 случаи на тромботичен ефект на еден милион вакцинирани, и 10 на еден милион со алергиска реакција.

„Последниот податок од Велика британија покажува дека од 18 милиони вакцинирани 22 имале церебрална тромбоза и 8 други тромбози. Треба да се има предвид дека во обичната невакцинирана популација, има 10 тромботични случаи на еден милион,“ додава Петличковски.

Тој нема дилема дека населението треба да се вакцинира, бидејќи кога ќе се спореди со Израел тие во третиот бран имаат по 440 регистрирани дневно заболени од Ковид-19 на 9 милиони луѓе, и со околу осум починати. Ние со два милиони народ имаме по 1.500 заболени и по 33 просечно мртви.

Петличковски потенцира дека најважно за вакцинацијата да се знае е дека таа ги елиминира шансите за смртен исход и тешки форми на болеста.

По примањето на вакцината важно е да се знае дека, луѓето немаат имунитет и оттука важно е да се почитуваат мерките, да се држи дистанца. Комплетниот имунитет се создава две недели по втората доза на вакцина.