fbpx

Грозданова: Комбинирање на вакцините против ковид-19 дава поширок имунолошки одговор

-

Вакцините за заштита од ковид-19 и по појавата на Делта сојот обезбедуваат висока заштита од вирусот, ја намалуваат потребата од хоспитализација и компликации од болеста, a нивната комбинирана употреба може да создаде поширок  имунолошки одговор, истакна професорката Александра Грозданова, Национален координатор за имунизација во неделната онлајн дискусија организирана во Лекарска комора на РСМ.

„Според студиите објавени во стручни списанија со голем импакт фактор „Lanset“ и „The new England journal of medicine“ пред појавата на Делта сојот, Фајзер и Модерна покажуваат од 87% до 100% заштита од симптоматски ковид-19 и од 80% до 93% заштита од асимптоматска инфекција. Астра Зенека во студии во Велика Британија покажала ефикасност од 60% во заштита од симптоматска инфекција и 70,4% заштитата од асимптоматска инфекција од британскиот сој. Спутник во студии направени во Русија покажува 97,6% заштитата од инфекција, додека Синофарм  според студии во ОАЕ и Бахреин покажува ефективност од над 90%“, истакна Грозданова.

Во светот сè уште постои голем интерес за производство на вакцини кои штитат од ковид-19. Во моментов има 185 вакцини кои се во пред-клиничка фаза, 40 се во различни фази на клиничко испитување, 21 вакцина се достапни во светот од кои само 8 имаат добиено одобрение за пуштање во употреба.

„Вакцините се ефективни во спречување на хоспитализација и тешка форма на болест и по појавата на Делта сојот, но може да бидат помалку ефикасни во спречување на инфекција или развивање на поблаги симптоматски заболувања. Причините за помала ефикасност најверојатно вклучуваат опаѓање на имунитет со текот на времето, појавата на Делта варијанта и различниот одговор за повозрасната популација и имуно-компромитираните пациенти. Несаканите сериозни реакции се навистина ретки, според податоците кои кај нас ги прибира МАЛМЕД не сме имале ниту еден случај на животно-загрозувачка реакција како последица на овие вакцини. Бројот на несакани реакции е далеку помал од ризикот кој го носи болеста, така што бенефитот од вакцинацијата против Ковид-19 е на високо ниво“, рече Грозданова.

Заради падот на ефективноста на вакцините се даваат препораки за засилување на имунолошкиот одговор со трета доза на вакцина. Националната комисија за имунизација препорача вакцинација со трета доза на вакцина кај ризични групи: здравствени работници, независно од возраста, пациенти на дијализа, трансплантирани пациенти и имунокомпромитирани, лица над 60 години. Вакцинацијата со трета доза ќе се спроведува со вакцините на Фајзер, после поминати 6 месеци од примањето на втората доза.

„Во однос на комбинирање на вакцините кое се јавува како прашање и од аспект на безбедност и на ефикасност, давањето на различна прва во однос на втора доза или различна буст доза дава можен поширок имунолошки одговор и појак бустер ефект. Студии направени во Велика Британија и во Шпанија покажаа одличен ефект од комбинација на Астра Зенека и Фајзер, комбинирање на Астра Зенека со Спутник, како и комбинација на Фајзер со Џонсон и Џонсон. Вакви искуства веќе имаат и Канада, Франција, Данска, Норвешка, Данска, Шведска кои заради забраната за давање на Астра Зенека на помлади, по примена прва доза од оваа вакцина како втора даваа Фајзер или Модерна“, посочуива професорката Грозданова.

Таа упати порака за важноста на вакцинацијата на трудници, бидејќи на тој начин прво се заштитува мајката, а потоа преку пасивниот имунитет и новороденчето. Во однос на комбинирањето на вакцината за заштита од ковид-19 и онаа за заштита од сезонски грип, Грозданова даде препорака дека може двете да се примат во ист ден, или на временско растојание од две недели.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...