Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Маријано Гроси, вчера пред Советот за безбедност на Обединетите Нации ја изрази длабоката загриженост поради нападите на Израел врз иранските нуклеарни постројки и повика на итна воздржаност и дипломатско решение.
„Рано утрово, МААЕ беше информирана за воената операција на Израел, во која се вклучени и напади врз нуклеарни капацитети во Исламската Република Иран“, соопшти вчера Гроси пред Советот за безбедност на ОН, додавајќи дека агенцијата е во постојан контакт со иранската Регулаторна агенција за нуклеарна енергија со цел да се провери безбедноста на постројките и да се процени евентуалното пошироко влијание.
Според потврдите од иранските власти, нападот го погодил само комплексот Натанс, каде што се наоѓаат погоните за збогатување гориво. Притоа е целосно уништен надземниот дел од погонот каде што се произведува ураниум збогатен до 60%, како и електричната инфраструктура, вклучително и резервните генератори.
„Нема индикации за физички напад врз подземните капацитети, но прекинот на електричното напојување може да предизвика оштетувања на центрифугите“, рече Гроси.
Иако надворешното ниво на радијација на локацијата Натанс останува во рамките на нормалата, внатрешноста на постројките е контаминирана со алфа радијација и хемикалии. МААЕ информира дека оваа контаминација може да се контролира со соодветна заштита.
Дополнително, Иран информирал за воени активности околу постројките во Фордо и Исфахан, но Гроси додаде дека моментално нема доволно информации за евентуални оштетувања таму.
„Јас повторно истакнувам: нуклеарни постројки никогаш не смеат да бидат цел на воени напади. Безбедноста на цивилното население и заштитата на животната средина се во сериозна опасност“, нагласи тој.
Гроси се повика на резолуциите на Генералната конференција на МААЕ, кои предвидуваат дека секој вооружен напад врз нуклеарни постројки наменети за мирољубиви цели претставува прекршување на Повелбата на ОН и меѓународното право.
„Како директор на МААЕ, апелирам до сите страни да покажат максимална воздржаност и да избегнат натамошна ескалација. Воените дејства што ја загрозуваат безбедноста на нуклеарните постројки можат да имаат катастрофални последици“, рече Гроси.
Тој исто така истакна дека МААЕ воспоставила работна група од повисоки службеници која 24/7 ќе ја следи состојбата и ќе биде на располагање на Советот за безбедност. Гроси најави и подготвеност да патува во Иран за да ја процени ситуацијата на лице место.
„Сигурноста на нашите инспектори е од највисок приоритет. Преземаме сите мерки за нивна заштита“, додаде тој.
Гроси заврши со порака дека МААЕ останува посветена на својот мандат – заштита на нуклеарната безбедност, сигурност и мирољубива употреба на нуклеарната енергија.