Законот за архивско работење, како и создавањето услови за изготвување на електронска лична карта, како основна алатка за дигитализација на процесите и за пристап до дигитални услуги, што е клучно за намалување на субјективниот фактор, а со тоа и на корупцијата, во моментов е во фокусот, изјави заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во синоќешното интервју на ТВ 21.
„Во услови на брз технолошки развој, мора да го направиме општеството поагилно на промени. Мора да се фати чекор, а не да се водиме по стариот ментален склоп. Овие процеси се почнати и нема враќање назад“, нагласи Грковска, додавајќи дека дигиталната трансформација на општеството не е политички, туку општествен процес.
Во однос на состојбата во правосудниот систем, вицепремиерката Грковска оцени дека судската фела треба внатре да се охрабри, да не се солидаризира туку самата да реагира и да ги санкционира малата група судии и обвинители коишто ставаат белег на целата фела.
„Ние треба да изградиме институции во кои граѓаните ќе имаат доверба. Правосудниот систем е столбот на овој процес. Имаме толку мала доверба во правосудниот систем, граѓаните не се убедени дека правосудниот систем се однесува професионално, пристапува на секој случај подеднакво според закон и дека не ги носи своите одлуки со разлика дали некој е политичар, бизнисмен или обичен граѓанин“, рече Грковска.
Таа нагласи дека секогаш мора да се реагира на слабостите во системот, а политичарите и директорите на јавните претпријатија треба да даваат пример за интегритет и за одговорност кога има недоследности во однесувањето и постапувањето и додаде дека основата на едно демократско општество се принципите на владеење на правото, како и принципите на добро владеење.