Младите се важен партнер во креирањето политики за добро владеење, истакна вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на средбата со генералниот директор за демократија и човечко достоинство во Советот на Европа, Марја Роутанен.
На состанокот што се одржа во Анталија, Турција на маргините на 17-тиот конгрес на Советот на Европа, на кој учествуваа министрите задолжени за спорт, беше потенцирано значењето на добрата соработка што кабинетот на вицепремиерката Грковска ја реализира со Советот на Европа во повеќе области, меѓу кои и прашањето за корупција во спортот.
Од кабинетот на Грковска соопштија дека вицепремиерката ја запознала Роутанен со активностите кои веќе се спроведуваат и кои се поврзани со младите и спортот, како и за кампањата #ЗависиОдМенеиТебе, која целосно ќе се фокусира на младите, нивните потреби, предизвици и можности. Грковска додаде дека се од големо значење и проектите што се реализираат со меѓународните партнери во насока на развивање на свеста кај младите за значењето на интегритетот.
Двете соговорнички се осврнале и на процесот на креирање нов Закон за спорт, кој го координира вицепремиерката Грковска во соработка со уште неколку државни инстицуции и меѓународни партнери.
Од кабинетот на Грковска додаваат дека Роутанен оценила оти Северна Македонија е пример за добра пракса во делот за млади и спорт.