Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше средба со претставници од Фондацијата „Метаморфозис“, предводени од извршниот директор Бардил Јашари, со кого разговараа за важноста на процесот на дигитална трансформација на општеството, информираат од владината прес-служба.
Вицепремиерката Грковска ја изрази важноста на вклученоста на граѓанскиот сектор во сите општествени процеси, вклучително и во делот на дигиталната трансформација на институциите.
За таа цел, додаде Грковска, таа воспоставила редовна комуникација со граѓанскиот сектор кој дава значаен придонес и чија улога е суштинска во креирањето на квалитетни политики во трите клучни столба на кои работи нејзиниот Кабинет, а тоа се – дигитална трансформација на општеството, антикорупциски политики и добро владеење, како и професионални, ефикасни и транспарентни институции.
Јашари информираше дека Фондацијата „Метаморфозис“ има низа проекти во насока на унапредување на транспарентноста на институциите, дигиталната трансформација, но и во однос на политиките за добро владеење.
Двајцата соговорници се согласија во наредниот период да ја продлабочат соработката, особено во процесот на изработка на новата Стратегија за транспарентност, но и во однос на дигиталната трансформација на општеството, воведување на оптимизација на процесите и стандардизација, како клучни елементи во градењето на ефикасен систем.