fbpx

Грковска – Ауварт: Сајбер безбедноста има многу важна улога во безбедносниот систем на секоја држава

-

Дигиталната трансформација на општеството, технолошкиот напредок, но и геостратешките предизвици во Европа и во светот наметнуваат целосно нов пристап во безбедносниот систем, во кој сајбер безбедноста има многу важна улога. Сајбер безбедноста е стратешко прашање, за кое секоја држава, мора да има координиран пристап, и на домашен и на меѓународен план. Ова беше потенцирано на денешниот состанок што заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска го имаше со Герт Ауварт, директор за сајбер безбедност во Агенцијата за информациски системи во Талин, Естонија, соопштија од кабинетот на Грковска.

Двајцата соговорници разговарале за можноста за продлабочување на соработката на двете земји, особено во делот на сајбер безбедноста, со оглед на тоа што Естонија е лидер во светот во дигитална трансформација на општеството и обезбедување на сигурен и безбеден систем.

Вицепремиерката Грковска нагласила дека во услови на безбедносна криза, предизвикана од агресијата на Русија врз Украина, сите држави, вклучително и Република Северна Македонија се соочуваат со потребата да обезбедат дигитална безбедност, со цел системските процеси да не бидат нарушени.

Нејзиниот соговорник Ауварт го потенцирал значењето од создавање на ефикасни ИТ – агенции, кои ќе бидат составени од искусни информатички експерти, кои ќе се грижат за дигиталните процеси во државните институции.

„Овој модел во Естонија се покажа за многу ефикасен и обезбеди задржување и мотивирање на ИТ-инженерите да работат за државните институции“, оценил Ауварт.

Вицепремиерката Грковска додала дека Република Северна Македонија мора да преземе конкретни чекори со цел да ги задржи ИТ-експертите во земјата и нагласи дека естонскиот модел може да биде добар пример за тоа.

Во рамките на дводневната работна посета на Талин, Естонија вицепремиерката Грковска се сретна и со Клен Јаартс, директор за европски прашања во естонската Влада.

На состанокот Грковска ја реафирмирала определбата на Република Северна Македонија да ги почне пристапните преговори за членство со Европската Унија. Сепак, како што вели Грковска, условите кои ги наметнува Бугарија, како земја членка на Европската Унија, и покрај сериозните и тешки одлуки што Северна Македонија ги донесе изминатиов период, го отежнуваат патот и го намалуваат оптимизмот кај македонските граѓани.

Јаартс ја искажал безусловната поддршка од страна на Естонија кон Северна Македонија за почеток на пристапните преговори, оценувајќи дека чепкањето по историјата никому нема да му донесе добро, додавајќи дека тоа важи за цела Европа.

Вицепремиерката Грковска, во рамките на дводневната посета на Талин, Естонија ќе учествува на Форумот за дигитална безбедност на Западен Балкан, на кој ќе учествува и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, министерот за претприемништво и информациска технологија на Естонија, Андрес Сут, македонскиот министер за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, како и повеќе експерти од областа од Западен Балкан и Европската Унија.

Вицепремиерката Грковска ќе го посети и НАТО центарот за кооперативна сајбер одбрана во Талин, кој им дава интердисциплинарна поддршка на земјите членки на НАТО, како и експертиза во делот на сајбер одбраната, тренинзи и вежби во областа на технологијата, стратегијата и законодавството.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...