Досега се пријавени 2.825 случаи со заболувања слични на грип, што е зголемување за 76,6 отсто во споредба со минатата недела, информираат од Институтот за јавно здравје. Во споредба со бројот на пријавени пациенти минатата година, годинава има зголемување за два пати.

Д-р Ангелчо Андоновски, директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, вели дека во болницата во моментов се хоспитализирани вкупно 76 деца и 54 мајки, но потенцира дека нема простор за паника.

– Сето ова е вообичаено за овој период од годината. Ова е така затоа што температурните разлики се ненормални, времето е топло преку ден, а навечер температурите се спуштаат, а тоа во комбинација со меѓусебна комуникација меѓу децата доведува до инфлуенца. За разлика од претходните периоди, кај некои деца дава повисока телесна температура, а кај некои не. Вирусот е проследен со кашлица. Има простор за грижа само кај помалите деца, кои развиваат пневмоничен наод. Зголемената телесна температура трае од шест до девет дена и потоа поминува. Се дава лек за температура, а многу е важно и децата да  да јадат и да пијат, за да не дехидрираат. Вирусот не се лекува со антибиотик, освен кај помалите деца кои влегуваат од вироза во бактериоза. Апелирам родителите да ги носат децата прво кај матичниот доктор, кој откако ќе ги направи сите испитувања, ќе процени дали на детето му е потребно болничко лекување – вели д-р Андоновски.

Во моментов во болницата има 76 деца од кои седум се со изолирана инфлуенца А или Б изолирана. Останатите деца се со опструкции, пневмонии и ларингитис. Оваа институција има капацитет од 90 легла. Во дневна болница има 25 пациенти, а во текот на еден ден се прават по 200 прегледи на пациенти.

Д-р Весна Стојанова Aтанасовска, матичен педијатар вели дека во текот на една смена прегледува по 70 пациенти од кои речиси сите се со симптоми на грип.

– Ова се очекуваше со оглед на променливото време. Очекував дека ова ќе биде ударен период на појава на вируси и на грип. Кај некои деца нема многу симптоми освен температура и малаксаност, но 80 отсто од децата освен темпертурата која доминира, завршува со кашлање кое преминува во ларингитис и пневмонија. Покрај прегледите им давам инфузии и инекции и не ги праќам по секоја цена на болничко лекување. Она што се разликува од други години, е тоа што овој вирус оди со многу висока температура која не се симнува со лек за температура, а после тоа се развива пневмонија. Јас лично мислам дека треба да се прогласи епидемија, со оглед на тоа што училиштата се испразнети. Во едно одделение во училиште во Карпош, од 28 деца, на настава одат само седум – вели д-р Атанасовска.

На социјалните мрежи, мајки пишуваат дека има одделенија во кои од вкупно 30 ученици, присутни се од пет до 10 на часови.

„Преполовени се одделенијата, деца плачат со страшни главоболки и високи температури. Треба да одат на принуден распуст за да не избега ситуацијата надвор од контрола“, пишува една мајка.

Во соседна Србија е прогласена епидемија на грип од пред неколку дена. Тамошните власти донесе одлука за привремено затворање на градинките и училиштата заради заштита на здравјето на децата, а одлука за надоместување на пропуштената настава ќе биде донесена дополнително.

Кај нас засега нема најава за прогласување епидемија.