fbpx

Грипот коси, но далеку сме од условите за прогласување епидемија

-

Надлежните институции досега не прогласија епидемија на грип иако бројките на заболени се алармантни и далеку поголеми од вообичаените случаи во претходниот период. Сепак, еден од условите за прогласување на епидемија е да има „невообичаено зголемување на бројот на заболени со компликации или смртен исход“.

Институтот за јавно здравје вчера соопшти дека заклучно со први јануари биле пријавени 9.485 новозаболени лица од грип, што е повеќе од двојно зголемување во споредба со претходната недела, кога биле пријавени 4.194 лица.

„Со исклучок на пандемската сезона 2009/2010, бројот на пријавени случаи оваа недела е највисок регистриран во последните 10 години, како за овој период од сезоната така и воопшто. Вкупниот број на пријавени случаи оваа недела ја надминува границата на многу висока активност“, се вели во соопштението на Институтот.

Епидемија според Законот за јавно здравје е пораст на заболувања од одредена заразна болест кој по време и место го надминува вообичаениот број на случаи во претходниот период, како и невообичаено зголемување на бројот на заболените со компликации или смртен исход.

Според член 56 од Законот за заштита на населението од заразни болести, при појава на епидемија на подрачје за кое е основан завод за здравствена заштита, епидемијата ја прогласува надлежниот завод. Во случај кога постои опасност епидемијата и заразната болест да се шират и на други подрачја, Министерството за здравство прогласува епидемија и наложува мерки за сузбивање.

Член 64 од истиот закон вели дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат има право и должност додека трае опасноста од епидемија да забрани собирање на лица во училишта, кина, театри, јавни локали и други јавни места, додека трае опасноста од епидемија.

Вкупно 15.800 лица заболени од грип побарале помош во здравствените установи, заклучно со минатиот петок, информираше на прес-конференција, државниот советник во Министерството за здравство, Јованка Костовска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат...