Грета Тунберг ги критикуваше светските лидери дека повторно даваат празни ветувања за борбата со климатските промени

Грета Тунберг ги критикуваше светските лидери и го нарече COP26 неуспех, на големиот протест на младите во петокот пред местото на одржување на самитот за климата во Глазгов.

Младите активисти во шкотскиот град бараа конкретни акции од лидерите, додека фокусот на официјалниот настан беше свртен кон влијанието на климатските промени врз идните генерации. Во главниот говор на протестот, Тунберг порача дека „историјата лошо ќе им суди“, нарекувајќи ја конференцијата „двонеделна прослава на бизнисот како и обично“.

„Многумина почнуваат да се прашуваат, што ќе биде потребно за да се разбудат луѓето од власта? Но, да бидеме јасни: тие веќе се разбудени. Тие точно знаат што прават. Лидерите не прават ништо“, рече таа.

Нејзините забелешки доаѓаат откако некои од лидерите зборуваа за постигнувањата на првата недела. Тие досега најавија серија заложби за борба со климатските промени како обврската за запирање на уништувањето на шумите, договорот за употребата на јагленот и планот за стопирање на инвестирање јавни финансии во проекти за фосилни горива. Но, сепак, младите активисти во Глазгов повикаа на порадикални заложби, бидејќи Обединетите нации предупредија дека светот не се прилагодува доволно брзо на климатската криза.

„Некои луѓе велат дека сме премногу радикални. Но, вистината е дека тие се оние кои се радикални. Борбата за спас на нашата планета воопшто не е радикална“, порача Тунберг и нагласи дека „Не ни требаат повеќе далечни, необврзувачки ветувања, ниту пак празни ветувања.“