Францускиот град Гренобл ќе стане првиот град што целосно го отстранува уличното комерцијално рекламирање, откако така одлучи градскиот совет, пренесува „Радио МОФ“.

Градоначалникот од Зелената партија, Ерик Пиол, вети дека на местото на билбордите ќе бидат засадени дрвја и поставени паноа кои ќе ги информираат граѓаните за случувањата во нивниот град.
– Општината одбира да го ослободи јавниот простор во Гренобл од рекламите и да дозволи развој на области за јавно изразување. Околу 50 млади дрвја ќе бидат засадени пред зимата на локациите што ќе бидат ослободени – изјави градоначалникот.

Од јануари до април идната година, градот ќе се ослободи од сите 326 билборди поставени на улиците и на тротарите во Гренобл, вклучувајќи и 64 големи билборди. На некои од локациите, градот ќе им дозволи бесплатно рекламирање на локалните културни и општествени групи, а паноата ќе бидат помали и повеќе насочени кон пешаците, отколку кон возачите.

Договорот на компанијата што ја има концесијата за поставување билборди истекува на крајот на годинава и нема да биде продолжен. Сепак, таа ќе продолжи да поставува реклами на автобуските постојки во градот затоа што тие се регулирани со друг договор, кој важи до 2019 година.

Со овој потег, општинските власти во Гренобл, кој има околу 150.000 жители, се откажуваат од годишни приходи во висина од 600.000 евра, колку што носело изнајмувањето на билбордите.