Владата ги расчисти правните дилеми и одлучи да ги префрли парите за инвертоери за граѓаните на сметките на општините, а тие со свои програми треба најпрвин да ги определат зоните, а потоа да овозможат имплементација на оваа мерка. Ова е одговорот што „Мета.мк“ го доби од владата на прашањето зошто се доцни со реализација на проектот за доделување субвенции за 10.000 македонски домаќинства, најавен уште во октомври минатата година од тогашниот премиер Зоран Заев.

Најавувано како клучна мерка во стратегијата за борба против аерозагадувањето, сè уште тапка во место субвенционирањето на еколошки поприфатливи варијанти за греење за јавните установи како и на домаќинствата во државава. Веќе одминува најстудениот месец во годината кога се најкористени средствата и системите за загревање, а доцнат ваучерите ветени од Владата и финансирани од ЕЛЕМ со кои 10 домаќинства требаше да добијат по 1.000 евра за купување на еколошки ефиканските инвертери и да се откажат од своите стари нееколошки печки. Процесот на селекција и доделување на овие пари не би можел да се очекува да заврши за помалку од еден месец. Тоа значи дека ефектите од оваа мерка ќе се осетат дури следната грејна сезона.

Владата досега објави само два огласа кои се однесуваат на реализацијата на Програмата за намалување на аерозагадувањето. До 28 јануари тече рокот за пријавување  за единиците на локалната самоуправа за реализација на средствата утврдени со програмата за намалување на аерозагадувањето за 2020 година за замена на нееколошки системи за греење. За оваа намена Владата предвидела по 100 илјади евра по општина, а критериум за избор се бројот на денови во кои концентрациите на ПМ честичките се над среднодневните вредности.

Вториот оглас, се однесува на подобрување на енергетската ефикасност, преку замена на прозорци и врати (столарија), реконструкција на кров и фасада , во градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти во најзагадените градови, со рок за пријавување до 31 јануари, за што, исто така се предвидени по 100 илјади евра по општина

Според граѓанските здруженија за борба против загадувањето, Владата премногу доцни со реализцијата на мерките од Планот за чист воздух.

„Греењето на инвертери е добра мерка од еколошки аспект, но некој избрза и најави мерка која не може да се реализира брзо, па ја промаши цела грејна сезона. Со тоа само се умртви инаку добрата досегашна продажба на инвертери бидејќи сега сите го чекаат стартот на субвенциите и затоа зимава ќе се гушиме како и минатите“,  вели Марјан Ненов од граѓанското „Движење за чист воздух“.

Од граѓанската платформа „Земи здив“ од Битола исто така сметаат дека Владата ја промашила грејната сезона и апелирааат субвенциите за инвертери за грѓаните да дојдат навреме барем за следната. Тие сметаат дека мерките се добри, но и забележуват на Владата дека форсира потрошувачката на електрична енергија која ја добиваме од најнеквалитетниот јаглен во светот.

„Ни треба транзиција во добивањето на енергија од извори кои не емитираат толкави штетни емисии во амбиенталниот воздух“, вели Драган Вељанов од „Земи здив“ и апелира да не се штедат пари кога станува збор за нашето здравје.