Грција е во целосен карантин како мерка за спречување на ширењето на новиот корона вирус и болеста COVID-19. Мерката стапи на сила рано утринава, а ја објави премиерот Киријакос Мицотакис. Во меѓувреме, остатокот од ЕУ се бори од петни жили за да ја заузда ситуацијата.

„Наложив да се превземат сите мерки за целосна забрана за непотребно движење на населението во целата земја. Граѓаните може да излегуваат само во итни случаи, по храна или до аптека“, порача Мицотакис во обраќањето.

Казната за непочитување на забраната за движење ќе изнесува 150 евра.

До утрово во Грција има 624 заразени со новиот корона вирус и 15 смртни случаи.

И Франција објави вонредна состојба со врска со ширењето на COVID-19. Долниот дом на парламентот го прифати предлог-законот за вонредна состојба и дааде дозвола на владата да управува со декрети. Со ова, владата може да ги ограничи граѓанските слободи, како право на движење, во следните два месеца.

Со мерката се одлага и вториот круг на локалните избори во Франција, откако еден викенд претходно среде епидемијата се одржа првиот круг.

Во Франција има над 16.000 заразени и 674 починати од корона вирус од почетокот на епидемијата.

Од другите членки на ЕУ, во Чешката Република беше регистриран првиот смртен случај од новиот корона вирус, 95-годишен пациент којшто бил примен в болница на 18 март и имал и други здравствени проблеми.

Во меѓувреме, во жариштето на епидемијата во Европа – Италија – полека опаѓа бројката на смртни случаи, иако е уште превисока. Во последното деноноќие имало 651 случај, а сите се надеваат дека бројката и понатаму ќе опаѓа.

Во Италија, сите фирми нема да работат најмалку до 3 април. Исклучок се оние што се значајни за функционирањето на животот. Во оваа земја, војската е веќе на улиците.

Новото решение за затворање на компаниите беше преземено викендов по барање на власта во покраината Ломбардија. Откако помош испратија Кина и Русија, според Си-ен-ен, италијанските власти побарале помош и од американските оружени сили.