Премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис | Фото: European People's Party, CC BY 2.0, Викимедија Комонс

Грција ќе дозволи влез на туристи кои се вакцинирани и со руска и со кинеска вакцина, потврдил грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во интервјуто на конференцијата на „Фајненшл Тајмс“, пренесува МИА.

Иако Европската Комисија има поинаков став за конкретните вакцини, според Мицотакис, останува позицијата да се признаат овие вакцини, пред сѐ руската, поради тоа што Грција очекува туристи од Русија.

-Русија е важен пазар за нас. Според податоците што ги имаме, сметаме дека руската вакцина е безбедна и ефикасна. Секако, не е одобрена од ЕМА, затоа и не ја користиме, во согласност со европските регулативи во врска со набавките, но јас не гледам никаков проблем во Грција да примиме туристи кои биле вакцинирани со вакцината Спутник – изјави Мицотакис.

Според грчкиот премиер, намерата е туризмот да биде безбедно отворен, а тоа значи дека, ако некој сака да патува во Грција, без да е потребен карантин, ќе треба на грчките власти да им покаже сертификат за вакцинација, потврда дека ја прележал болеста или негативен ПЦР или антиген тест.

-Очекуваме да ги пречекаме туристите од 15 мај, веќе ги отворивме угостителските објекти и малопродажбата. Првите посетители ќе ја посетат земјата во која економските и општествените активности веќе се вратени во нормала –   рече Мицотакис.