Украина и Грција денес во Атина потпишаа договор за снабдување со американски течен природен гас (LNG), за време на официјалната посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на земјата, објави Асошиејтед Прес.
На потпишувањето присуствуваа Зеленски, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и амбасадорката на САД во Грција, Кимберли Гилфојл. Договорот го склучија грчкиот државен снабдувач со гас „DEPA“ и украинската компанија Нафтогас.
Зеленски соопшти дека снабдувањето со американски гас ќе започне во јануари.
До тогаш, Грција ќе и испорачува природен гас на Украина за да ги покрие потребите во зимскиот период, особено поради штетите врз украинската енергетска инфраструктура предизвикани од руските напади.
Мицотакис нагласи дека клучна улога за постигнувањето на договорот имал енергетскиот форум што се одржа во Атина на 6 и 7 ноември, на кој учествуваа високи американски претставници, министри од ЕУ и директори на водечки компании за течен гас. Таму, американскиот секретар за внатрешни работи Даг Бергум порача дека САД можат „целосно да го заменат рускиот гас во Европа“ со тековното проширување на производството и извозот.
Претходно во неделата, Зеленски и Мицотакис одржаа разговори за учеството на Грција во обновата на Украина по војната, со акцент на градежништвото, здравството, дигитализацијата и заштитата на културното наследство.
