Снимка на екранот на написот на hartismag.gr за Блаже Конески.

Во својот број за јуни 2020 г., грчкото списание за литература „Карта“ („Χάρτης“) објави портрет на македонскиот лингвист, писател, преведувач и поет, академик Блаже Конески (1921-1993), насловен „Житија“ („Συναξάρια“), во кој е претставен дел од наговиот опус.

Веста до македонската јавност ја пренесе писателот и новинар Томислав Османли преку неговиот профил на Фејсбук. Тој укажа дека написот го прикажува Конески во исклучително пофално светло, нарекувајќи го „корифеј на духовниот живот на соседна Северна Македонија“.

Во написот се поместени и преводи на шест песни од Конески од циклусот „Приложни житија“, кои во недостаток на преведувачи од македонски кон грчки јазик достапни на списанието биле преведени од англиски. Османли истакнал дека написот завршува со изразување надеж „дека наскоро ќе има преведувачи кои ќе се заложат да ја препорачаат работата на Конески во нашата земја директно од оригиналот“.

Преведените песни се објавени во 1979 година во книгата „Стари и нови песни“. Опфатени се песните „Житие на Бона“, „Житие на Таса Бојановска“, „Белата тетка“, „Успение на тетка Менка“, „Орде“ и „Свети Спиридон Нови“.