Граничниот премин Евзони останува затворен и денеска. Земјоделците од Северна Грција кои веќе две недели ја блокираат грчко-македонската граница остануваат на своите места без никаква најава за повлекување на блокадата, додека не се сретнат со грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Грчкиот весник „Прото тема“ јавува дека дел од земјоделците од Северна Грција планираат тричасовна блокада на клучката кај Херсо, која води кон граничниот премин Дојран на македонско-грчката граница. Според најавата, блокадата треба да започне во 12 часот по локално време, односно 11 по македонско и ќе трае три часа.
Земјоделците од останатиот дел на Грција денес се во Атина и ќе одржат протест во центарот на градот. Протестот ќе го поддржат Комунистичката партија и работничкиот синдикат АДЕДИ.
Двонеделните блокади и денешниот протест се одржуваат во знак на револт на земјоделците против владината политика и кратењата во земјоделскиот сектор. Поконкретно бараат намалување на возрасната граница за пензионирање, финансиски бенефиции за нив и семејствата, поефтина нафта која нема да биде подложна на повисоките даноци.