fbpx

Грчките европратеници ѝ се нафрлија на Могерини поради Македонија

-

Високата претставничка за надворешна политика на Европската унија, Федерика Могерини, го крена притисокот во Грција со одлуката да нè именува Македонија.

Веднаш скокнаа и реагираа грчките европратеници, а огромен дел од грчките медиуми ја осудија Могерини, оценувајќи дека ја испровоцирала Грција со тоа што наместо со привремената референца, ни се обратила со Македонија, говорејќи за ситуацијата во државата на прес-конференцијата со еврокомесарот Јоханес Хан. Грчките европратеници индиректно бараат извинување до Грција и апелираат никогаш веќе да не ѝ се дозволи ваков пропуст на европската шефица на дипломатијата.

„Провокација: Могерини го нарече Скопје Македонија“, „Потпретседателката на Европската Комисија го именува Скопје Македонија“, „Могерини провоцира“ се само дел од бројните наслови во грчките медиуми по прес-конференцијата на Могерини и на Хан, на која беше упатена порака за загриженост за случувањата во земјата и апел за побрзо решавање на политичката криза.

Со свои реакции, за да ја коригираат шефицата на европската дипломатија и да ја заштитат грчката позиција, излегоа европратениците на ПАСОК и на Нова Демократија. Европратеникот на Нова демократија, Манолис Кефалојанис, го оцени обраќањето кон нашата држава како Македонија како целосно неприфатливо, апелирајќи до Могерини во иднина да биде попретпазлива и да не прави вакви, според него, несреќни грешки.

– Ја повикуваме Могерини да ја коригира веднаш грешката и да биде попретпазлива во иднина кога ќе се справува со теми што се чувствителни за целиот грчки народ и флагрантно ја прекршуваат историската вистина – истакна Кефалојанис во реакција до Могерини.

Во сличен тон, со обид да ѝ одржат лекција на Могереини, итно реагираа и европратениците на ПАСОК, Никос Андрулакис и Ева Кајли, потсетувајќи ја шефицата на европската дипломатија дека ЕУ има одлучено нашата држава да се именува со привремената референца и барајќи од неа да го коригира пропустот. Кајли и Андрулакис дури се повикуваат на конкретни одлуки на ЕУ за да ѝ укажат на Могерини на големата грешка од нејзина страна.

„Изненадени и загрижени сме од Вашиот одговор за време на прес-конференцијата, на која, говорејќи за вашата посета на Пoранешната Југословенска Република Македонија, се обративте кон државата со терминот „Македонија“. Според одлуки на Советот за општи и надворешни работи на ЕУ од 2005 година, сè додека не се најде решение со Грција, ЕУ има одлучено да ја користи привремената референца БЈРМ за сите ЕУ-документи. Дополнително, генералната секретарка Кетрин Деј, во белешка во август 2014, истакнува дека е неопходно да се почитува практиката во сите европски документи да се користи референцата „поранешната Југословенска Република Македонија“, додавајќи дека Комисијата не може да го користи терминот „Република Македонија“ или само „Македонија“. Ве молиме да ги направите сите неопходни чекори за да го поправите пропустот и во иднина да избегнете вакви контрадикторности“, пишуваат Кајли и Андрулакис.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...