fbpx

Грчкиот министер за надворешни работи Дендиас денеска се сретна со државниот врв во Скопје

-

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас денеска беше во официјална работна посета на Скопје. Тој се сретна со премиерот Зоран Заев, претседателот Стево Пендаровски, министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Заев и Дендиас на денешната средба позитивно го оценија динамизирањето и континуираното зајакнување на политичкиот дијалог во последните неколку години, со цел градење пријателство и доверба меѓу двете соседни земји.

На средбата, Заев му се заблагодари на Дендиас за поддршката која грчката влада ја дава на нашата земја во однос на успешното остварување на нашиот пристапен процес за членство во ЕУ, соработката на промовирање на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и помошта за совладување на здравствено-економската криза која беше предизвикана од пандемијата од ковид-19.

Денешната средба, премиерот Заев ја искористи да ја информира грчката страна за значајните активности кои од страна на државата се преземени за прилагодување на обврските од Договорот од Преспа.

„Нашата Влада смета на грчка поддршка меѓу земјите членки на ЕУ во однос на нашето членство, бидејќи тоа е нашата единствена алтернатива и од особено значење и важност се односите и соработката меѓу нашите две земји за нашето пристапување во Европската Унија“, рече премиерот Заев.

На средбата меѓу премиерот Заев и министерот за надворешни работи на Грција Дендиас, позитивно беше оценета вкупната трговска размена меѓу Северна Македонија и Грција, за јануари-август 2021 година која изнесува 395,8 милиони американски долари, со раст од 20,3 отсто во споредба со истиот период во 2020 година.

Дендиас оствари средба и со претседателот Стево Пендаровски, на која двајцата разменија мислења за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Грција, состојбите во регионот, како и за актуелните случувања и состојби во Авганистан.

Во контекст на имплементацијата на Договорот од Преспа, претседателот Пендаровски посочи дека е неопходно негово натамошно имплементирање, како и ангажман од двете страни, за да се обезбеди брзо и непречено продолжување на работата на воспоставените тела со Договорот.

Грчкиот министер за надворешни работи претпладнево оствари средба и со вицепремиерот Никола Димитров, на која фокусот беше ставен на прашањето за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ. Од грчка страна беше потврден ставот дека европската перспектива на Северна Македонија треба да биде заокружена со членство во ЕУ, што влијае и на развојот на модалитетите на билатералната соработка и добрососедските односи во регионот.

Грчкиот министер Дендиас за време на посетата на Скопје оствари средба и со неговиот колега Бујар Османи, кој го информираше дека Владата на Северна Македонија продолжува да биде посветена на реализирањето на обврските предвидени со Преспанскиот договор, изразувајќи уверување дека Грција ги препознава и вреднува нашите напори, што ќе биде дополнителен мотив, што побргу да биде завршена ратификацијата на неколку меѓународни договори во грчкиот парламент.

Тој упати благодарност за цврстата поддршка на Владата на Грција за почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, како и уверување дека таквата поддршка нема да изостане и во периодот кој е пред нас.

„Грција продолжува да биде силен лобист за нашата интеграција и започнувањето на пристапните преговори, што Северна Македонија посебно го цени“, нагласи Османи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...