Еден грчки медиум викендов излезе со обвинувања дека во канцеларијата на генералниот директор на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ сè уште стојат тепихот и слика на ѕидот на коишто се наоѓа сонцето од Вергина.

Написот е придружен со фотографии коишто би требало да го докажат тоа – но станува збор за многу стари фотографии, а сега во канцеларијата на директорот на „Водовод и канализација – Скопје“ сликата е тргната, исто како и тепихот, и е поставен нов, исто така црвен, но без сонцето, пишува познатиот грчки сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите, „Елиника Хоуксис“.

Овој сервис во текстот наведува дека првпат фотографии со тепихот и сликата со сонцето од Вергина биле објавени во неколку грчки медиуми уште во ноември 2017 година, но дека сликата е симната, а тепихот заменет многу пред потпишување на Преспанскиот договор на 17 јуни минатата година, односно уште во април.

Во прилог на своето тврдење, „Елиника Хоуксис“ изнесува и фотографии од Фејсбук-страницата на јавното претпријатие од пред повеќе од една година, кои се преобјавени и на веб-сајтот на јавното претпријатие. Се напоменува и дека отстранувањето и на тепихот и на сликата е поради противењето на Грција на истакнувањето на сонцето од Вергина.

Подолу може да видите фотографии од канцеларијата на директорот на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“.