fbpx

Грчката влада планира да го затвори Идомени до 30 мај

-

Грција планира релокација на бегалците, расчистување и целосно затворање на кампот во Идомени до крајот на мај. Грчкиот министер за миграција, Јанис Музалас, овој план го пренел во разговори со грчката полиција и со членови на различни невладини организации во Солун, со кои имал средби изминатите неколку дена.

Според весникот „Етнос“, Музалас објаснил дека се решени ова да се случи до 30 мај и тоа на ненасилен начин. Планот е доколку бегалците се противат да се преселат во организираните бегалски центри, властите да ги предупредат дека нема да им биде обновена шестмесечната дозвола за престој, која ја добиваат при влезот во државата во центрите за регистрација на островите.

Според информациите, доколку одбиваат да си заминат од Идомени, бегалците ќе бидат предупредени дека дозволата ќе може да ја обноват само ако се во официјален бегалски центар, а во спротивно, штом истече дозволата, ќе се најдат во опасност да бидат уапсени и затворени поради нелегален престој во државата.

Ова ќе биде првиот посилен притисок што грчките власти ќе го извршат врз бегалците, бидејќи досега обидот за релокација одеше само преку делење летоци со информации дека границата е затворена и дека луѓето ќе мора да се преселат во бегалските центри. Музалас, според информациите, побарал полицијата и невладините да помогнат и да соработуваат во насока на релокација на бегалците во организираните центри за целосно да се затвори импровизираниот камп кај Идомени, каде условите за живот се супстандардни.

Грчкиот министер имаше и средба со солунскиот градоначалник Јанис Бутарис околу бегалското прашање, кому му бил пренесен оптимизам дека кампот ќе биде затворен бидејќи бегалците полека почнуваат и сами да разбираат дека нема поента да се остане во Идомени. Во интервју за радиото „Практорио ФМ“, Бутарис истакнал дека Грција, сепак, ќе треба полека да се навикне на идејата дека околу 30.000-40.000 бегалци веројатно ќе останат во земјата подолго време.

Додека грчките власти бараат начин и форма бегалците да се релоцираат од Идомени, бизнисмените, транспортерите и извозниците молат да се отвори железничката линија кон Скопје, која е затворена речиси 50 дена. Претседателот на Aсоцијацијата на бизнисмени на Солун „Нови хоризонти“, Јоргос Јоанидис, испрати писмо до министерот за транспорт, Христос Спириѕис, во кое посочи дека превозниците и извозниците се во загуба 4 милиони евра поради затворената железничка линија и побара линијата веднаш да се отвори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...