Грчката влада демантира дека ги прифатила условите на кредиторите и тврди дека се работи за нејзин нов предлог испратен до европските институции и до ММФ, заедно со писмо од премиерот Алексис Ципрас. Според информации од грчката влада, писмото што го испратила Грција е нов предлог со серија измени на договорот и на реформите што ги предлагаа европските институции, како што правела и во изминатиот период за да се најде заеднички јазик меѓу Брисел и Атина.
Владини извори информираат дека со новиот предлог грчката влада бара нов договор кој ќе ги уреди прашањата за финансирање на Грција преку Европскиот механизам за стабилност, за да се постигне одржливост на грчкиот долг и да се даде предност на перспективата за развој на Грција.
Според првичните информации во грчките медиуми, европски функционери неофицијално коментираат дека договорот има пропусти и недостатоци и ќе треба дополнително да се доработува.