Еден од протестите на Златна Зора пред седиштето на партијата во 2015 година | Фото: DTRocks / CC BY-SA Викимедиа комонс

Судот во Атина денеска пресуди дека екстремно десничарската партија „Златна Зора“ (Хриси Авги) е, и била криминална организација. Оваа партија веќе десетина години е еден еден од факторите на политичката сцена во Грција.

Судот пресуди дека седум поранешни пратеници на партијата, вклучително и лидерот на партијата, Никос Михалолијакос, се виновни за водење криминална организација, додека другите се виновни за учество во криминална организација.

При изрекувањето на пресудата, пред судот имаше прототест пропратен со нереди, а полицијата реагираше со солзавец и водени топови.

Меѓу 68-те обвинети во судскиот процес се и 18 поранешни пратеници од партијата, која беше основана во 80-тите години на минатиот век како неонацистичка организација и стана една од парламентарните партии на Грција за време на финансиската криза во земјата.

Судот разгледуваше четири проблеми презентирани во една тужба: фаталното прободување на грчкиот рап-пејач Павлос Фисас со нож, напади врз рибари-мигранти, напади врз левичарски активисти и дали Златна Зора функционира како криминална организација.