Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.
Грчкиот сервис за борба против лажните вести „Ellinika hoaxes“ оповргна серија наслови што се појавиле во неколку грчки онлајн медиуми дека грчката државна радиотелевизија ЕРТ неосновано под слика со графитот „Македонија – грчка земја“, испишан на ѕидот на едно училиште во градот Ксанти напишала дека е расизам, бидејќи тој бил само еден од неколкуте навистина расистички слогани.
Како што пишува „Ellinika hoaxes“, во телевизискиот прилог на ЕРТ биле прикажани повеќе расистички и навредливи графити, од кои некои и насочени против еден наставник, а онлајн-медиумите прошириле дезинформација дека државната телевизија обвинила за расизам и говор на омраза само поради графитот за Македонија и притоа објавувале само скриншот од него.
Графитите ги испишале членови на „Златна зора“ на 19 јануари 2019, а во нив имало и закани и кон еден учител. На ѕидовите покрај паролата за Македонија како „грчка земја“ била испишана и свастика и слоганите како „Ќе се вратиме и ќе тресе земјата – крв – чест – Златна зора“, „Клоци и тупаници за наставниците туркофили“.