Новиот граничен премин Белановце – Станчиќ меѓу Македонија и Косово денес беше пуштен во употреба во присуство на званичници од двете земји. Премиерот Оливер Спасовски изјави дека успешната завршница на граничниот премин е резултат на добрите односи со нашиот северен сосед. Тој додаде дека со новиот објект се олеснува меѓусебната комуникација на граѓаните меѓу општините Липково и Гнилане, а тој е и предуслов за зголемување на трговската размена меѓу Македонија и Косово.

Вицепремиерот Бујар Османи посочи дека при изградбата на граничниот премин се запазени сите европски критериуми при неговата изведба, имајќи предвид дека тој се градеше со средства обезбедени од европските ИПА фондови.

– Реализацијата на овој проект значеше усогласување на активностите со законодавствата на двете земји, координација на институциите на двете држави, но и запазување на сите европски критериуми при неговата изведба, имајќи предвид дека средствата за овој проект се обезбедени преку европските ИПА фондови – истакна Османи.

Граничниот премин Белановце – Станчиќ, во вредност од 1,2 милиони евра, е изграден со ИПА средства наменети за Македонија и Косово. Министерството за локална самоуправа учествуваше преку кофинансирање со 105 илјади евра. Претходно, во рамките на истиот проект, македонската влада го изгради патот од село Опаје до самиот граничен премин, во должина од 15 километри, во вредност од шест милиони евра.