Неексплодирана артилериска граната од 155 милиметри, тешка околу 45 килограми, што потекнува од Првата светска војна, била отстранета од водите на Вардар кај Неготино, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Од таму велат дека поради непристапниот терен и локација на неексплодираното убојно средство во коритото на реката Вардар, интервенцијата беше реализирана во сложени услови.
„Oпасната граната беше пронајдена во атарот на селото Пепелиште. Територијалната противпожарна единица – Неготино обезбеди чамец за пристап до локацијата, а пиротехничарот на ДЗС, Ѓорѓи Стефанов, безбедно ја извлече гранатата, по што таа беше транспортирана и обезбедена до нејзиното конечно уништување на армискиот полигон „Криволак“, велат од ДЗС.
