Граѓанските организации побараа од Пендаровски да не го потпишува законот за дивоградби

Фото: Tengyart на Unsplash

Граѓанските организации „О2 Иницијатива“, „Еко-свест“ и Светскиот фонд за природа апелираа до претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува указот за прогласување на спорниот Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти и да го врати во Собранието. Екологистите, во своето барање, поддржано од уште 22 граѓански организации, бараат законот да се донесе во редовна постапка и задолжително да се одржат јавни расправи.

„Еко Свест“ и Светскиот фонд за природа во соопштение до јавноста велат дека Законот е спротивен на Уставот, особено за две од темелните вредности во членот осум, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита на животната средина и природата.

„Вашата улога е од круцијално значење за спречување на негативните последици од овој Закон не само по заштитата на животната средина и природата, туку и по нашиот правен поредок. Законот не е усогласен со законите за заштита на природата и за води каде што постоење на било какви градби во одредени зони и подрачја е строго забрането, притоа за такви локации нема потреба од дополнително мислење од страна на надлежните институции наведени во новиот Закон“, велат од „Еко свест“ во писменото обраќање.

Граѓанските активисти посочуваат дека кога Министерството за животна средина и просторно планирање и другите наведени институции даваат мислење, тие треба да се водат по Законот за заштита на природата и Законот за води, но досегашната пракса не покажала дека ова доследно се применува. Дополнително, секогаш кога се бара мислење од институција за нешто кое што веќе е дефинирано согласно друг закон, се отвара простор за коруптивни пракси. Законот поттикнува мешање во ингеренциите на надлежните институции кои треба да се грижат за заштитата на животната средина, природата и здравјето на нашите граѓани. Дополнително, за овој Закон не е подготвена проценка на ризиците и се носи по скратена постапка не овозможувајќи учество на јавноста и засегнатите страни.

Од „О2 Иницијатива“ посочуваат дека ваков закон, каде во самиот наслов стои дека бесправното станува правно, не смее воопшто да се донесе во една демократска земја која се залага за владеење на правото. Со него, нагласуваат, се поништуваат законските одредби од бројни закони, како законот за градење, законот за урбанистичко планирање, законот за заштита на природата, законот за води, законот за заштита на културно наследство, кривичниот законик, просторните и урбанистичките планови, итн.

„Со овој закон се мотивираат сите оние кои со години бесправно узурпираат земјишта, а се демотивираат сите чесни граѓани кои ги следат законските чекори и ги почитуваат сите прописи. Со овој закон оневозможени се сите постапки со кои се одредува влијанието врз животната средина на бесправните објекти и се дозволува легализација на градби во заштитени подрачја и зони. Овој закон е донесен по скратена постапка и без јавна расправа, иако последиците од него се огромни и по владеењето на правото и по животната средина“, пишуваат од „О2 Иницијатива“.