Граѓанските организации бараат подобро спроведување на Зелената агенда во земјите од Западен Балкан

Фото: Мета.мк

Подобро спроведување на Зелената агенда во земјите од Западен Балкан побараа над 150 претставници на граѓанските организации, институции и претставници на заштитените подрачја, преку заедничка декларација донесена на Меѓународната конференција Паркови Динариди. Декларацијата е испратена и до Европската комисија, а се бара ЕУ да обезбеди инклузивно, транспарентно и суштинско учество на граѓанскиот сектор во плановите и проектите за спроведување на Зелената агенда.

Додека во Европа се одржува Зелената недела, каде главна тема е Зелената агенда, учесниците на конференцијата организирана од Паркови Динариди и Светската организација за заштита на природата – WWF Adria, чиј претставник во земјава е граѓанската организација Еко-свест, се согласуваат дека Зелената агенда нуди големи можности, а одржливото финансирање на заштитените подрачја во регионот и натаму останува предизвик.

„Апелираме до Европската комисија да не ги изоставува клучните учесници во процесот кои можат да се погрижат заштитените подрачја да не останат само на хартија“, рече извршната директорка на WWF Adria, Наташа Калауз.

Учесниците на Регионалната конференција, недвојбено ја истакнаа потребата од соработка помеѓу граѓанските организации и управителите на заштитените подрачја. Оваа конференција потврди дека регионалната мрежа на Паркови Динариди е добра платформа за поврзување на сите паркови во регионот кои споделуваат добри примери и планираат заеднички проекти. Паркови Динариди претставуваат мрежа од повеќе од 100 заштитени подрачја во Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Северна Македонија и Словенија.

„Управителите истакнаа дека сакаат поактивно да се вклучат во процесите на зелена транзиција на Западен Балкан, што ќе резултира со одржливи и пофункционални заштитени подрачја во нашиот регион“, изјави Зоран Мрдак, претседател на Паркови Динариди.

Конференцијата заврши со панел посветен на улогата на жената во зачувувањето на природата, каде претставници од граѓанскиот сектор, управители и политичари зборуваа за предизвиците и искуствата во нивната работа. На конференцијата учествуваа 150 учесници, меѓу кои претставници од 70 заштитени подрачја и околу 50 граѓански организации од Албанија, Словенија, Северна Македонија, Хрватска, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и претставници од ресорните министерства и институции.