Кога ќе се разгледаат состојбите, Австрија, во последниве пет години, на централно ниво на власта прави помалку на планот на отворените податоци од Северна Македонија, и тоа што е направено во вашата земја за отворањето на податоците од централната власт во последните години е навистина восхитувачко, порача Бернард Крабина од Центар за истражување во јавната администрација (KDZ) од Австрија. Тој, заедно со Гордана Гапиќ – Димитровска од македонското Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА), зборуваше за Отворените податоци на онлајн-настанот „Отворена влада на локално ниво“, кој го организираше Фондацијата „Метаморфозис“ во рамките на иницијативата „Отворен град“ во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.
Крабина, експерт за отворени податоци и отворена влада, со искуство во реализација на концептот на Отворена влада на локално ниво во Виена и други градови во Австрија, презентирајќи ги состојбите во неговата земја порача дека во неговата земја почетокот на отворањето на податоците од пред 10 години, кога сите податоци на државните и локалните институции се сметале за тајни, се поврзува со главниот град Виена, која прва презема активни чекори за отворање на податоците, па набргу со помош на Грац и Линц го создаваат првиот портал за отворени податоци.
Концептот „Отворени податоди“ подразбира до податоците од јавен карактер да постои слободен и бесплатен пристап, без технички или законски ограничувања, односно тие да бидат објавени во формат што ќе овозможи нивно лесно обработување од заинтересираните страни.
Гордана Гапиќ – Димитровска од македонското Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) ја потенцираше соработката со граѓанските организации, на чија иницијатива всушност и почнуваат активностите за објавување на отворени податоци.
Клучно и во овој поглед, но и во поглед на унапредување на концептот на транспарентност, отчетност, добро владеење и борба во корупцијата е тоа што земјава е дел од Иницијативата „Отворено владино партнерство“, како нејзина 35-та членка.
„Оваа мултилатерална иницијатива за унапредување на транспарентноста, зајакнување на улогата на граѓаните, борбата против корупцијата, зајакнатото управување темелено на нови технологии, за која земјава има акциски планови од 2012 година, а е поткрепена и од граѓански организации, кои учествуваат во нејзиниот надзор преку Советот за отворено владино партнерство, доведе до големи исчекори, како што е постапката за подобрување на процесот на креиирање политики, но сепак останува уште да се работи. Во поглед на отворените податоци, уште од 2014 година е направен порталот data.gov.mk, но вистинскиот прогрес е направен од 2018 година, кога имаше само 34 податочни сетови, до сега, кога има 244 податочни сетови. Работиме на тоа во сите институции, па и на локално ниво, да се развие објавувањето отворени податоци, а посебно од користи во тој поглед ни е соработката со фондацијата „Метаморфозис“, со која сега работиме за промена на работењето на пет институции за објавување на нивните податоци“, рече Гапиќ – Димитровска.