Граѓаните од синоќа на социјалните мрежи повикуваат на мирен собир во Скопје за оддавање почит на 22-годишната Фросина Кулакова, која во средата вечерта загина на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ по удар од автомобил.
Во повиците стои дека граѓанскиот собир ќе се одржи денес во 13 часот на раскрсницата меѓу „Партизанска“ и улицата „29 ноември“ каде беше прегазена девојката.
Во меѓувреме и во Неготино, родниот град на починатата Фросина, е најавен собир на градскиот плоштад во нејзина чест.
Мирниот собир е предвидено да започне во 15 часот, а е организиран од граѓани на социјалните мрежи кои сакаат да ѝ оддадат почит на Фросина и да упатат пораки со поддршка до нејзиното семејство.
Фросина Кулакова беше прегазена од 20-годишник кој возел без возачка дозвола, со брзина од 130 километри на час и под дејство на алкохол. Возачот поминал на црвено светло.
Како што објави Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО Скопје), несреќата се случила на пешачки премин каде возачот не запрел да ја пропушти девојката иако на семафорот било вклучено црвеното светло. Според ОЈО Скопје, 20-годишникот возел „Пежо 207“ во сопственост на татко му.
По бурната реакција во јавноста и медиумите, ОЈО Скопје излезе со уште едно соопштение во кое наведе дека претходно за истиот осомничен е побаран и одобрен притвор и тоа за Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Но, како што додаваат оттаму, Основниот кривичен суд Скопје момчето го третирало како помлад полнолетник и го пратиле во воспитно -поправен дом Тетово.
Возел брзо, под дејство на алкохол и без возачка дозвола – усмрти 22-годишна девојка