Граѓански организации со препораки до институциите како да се намалат последиците од корона кризата врз младите

Од Хелсиншкиот комитет потенцираат дека долгророчните последици од здравствено економската криза предизвикана од Ковид-19 најмногу ќе ги почувствуваат младите. Поради ова, група граѓански организации изготви итни препораки до институциите за да се намали негативниот ефект врз младите во оваа вонредна состојба.

Документот ги дава итните препораки за политики кои треба да се спроведат веднаш за да се намалат последиците додека трае изолацијата и вонредната состојба. Поради ургентноста и променливоста на ситуацијата, документот е објавен за институциите да можат да ги искористат овие препораки.

„Младите како работници со често погазени работнички права, се меѓу првите кои ги трпат последиците од отказите. Големиот број млади невработени ќе паднат уште подолу во редот за вработување. Учениците и студентите изолирани од врсниците се справуваат секојдневно во импровизираните онлајн училници. Нејасно е колку добиваат знаење, дали сите имаат пристап до онлајн наставата и како ќе се заврши учебната година“ – од Хелсиншки ги посочуваат дел од последиците.

Оттаму велат дека пролонгираната изолација и попречената социјализација имаат негативен ефект врз менталното здравje и психолошката состојба на младите. Воедно, зголемено е домашното насилство, а младите жени, девојки и деца немаат услови да го пријават или да се заштитат поради ризикот од зараза. Нагласуваат дека зголемена е и ризичната употреба на психотропни супстанци, а стравот, вознемиреноста и стресот од оваа состојба догорочно ќе водат кон анксиозност, депресија и низа други појави.

Групата ги повикува сите останати граѓански организации заинтересирани за добросостојбата на младите, да се приклучат на иницијативата и во долгорочното планирање и препораки за последиците од оваа криза. Организациите може да се пријават на следниот линк.

Документот е изработен од следните организации: AРНО – Асоцијација за развој на нови опции, Младински образовен форум (МОФ), Реактор – Истражување во акција, Хелсиншки комитет за човекови права, Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Психотерапика – Платформа за кризна акција за млади, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, ХОПС – Опции за здрав живот, Центар за интеркултурен дијалог (ЦИД) – Куманово, Сојуз за младинска работа (СМР), Сојуз на извидници на Македонија (СИМ) и Национален младински совет на Македонија (НМСМ).