Фото: Архива на Мета.мк

Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалиција „Сите за правично судење“ и Фондација Отворено општество – Македонија бараат темелна и брза истрага за институционалните пропусти околу недостапноста на органите за прогон на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Организациите сметаат дека е неопходно итно утврдување на одговорност од страна на надлежните органи за настаните кои му претходеа на изрекувањето на пресудата.

„Сметаме дека ова бегство се случи токму поради отсуството на соодветна реакција за пропустите и неажурноста на институциите, што овозможија бегство од земјата на Никола Груевски, кој беше осуден на двегодишна казна затвор со правосилна пресуда во случајот познат како „Тенк“, како и на други три лица од високо-профилираните кривични постапки. Добиените сознанија за институционален пинг-понг и непотребни преписки од моментот кога се добиени индиции за бегство на обвинетиот Мијалков, до моментот кога му се губи трагата, ја потврдуваат неажурноста на надлежните органи во борбата против криминалот“, стои во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права, во кое, меѓудругото бараат да бидат санкционирани сите раководни лица и службеници, кои не ги почитувале законските и подзаконските акти, со што помогнале обвинетиот Мијалков да стане недостапен на органите.

Трите организации ќе инсистираат на истраги преку кои ќе се утврди одговорноста за пропустите во постапувањето на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на Министерството за внатрешни работи и на Агенцијата за национална безбедност.

„Сите контрадикторни тврдења, изјави во медиумите, целокупното однесување и постапување на ОЈОГОКК, фрлаат дамка на непристрасноста и стручноста во постапувањето на ОЈОГОКК, поради што бараме Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија да спроведе постапка за да се утврди одговорноста за пропустите во постапувањето“, велат од Хелсиншки.

Оттаму додаваат дека истрагата и понесувањето одговорност е од исклучителна важност за градењето правна држава и владеење на правото, поради очигледните пропусти на македонскиот кривично-правен систем.

Пред да се пријави во Основното јавно обвинителство, Сашо Мијалков последен пат беше виден на 21 февруари откако следниот ден Министерството за внатрешни работи го бараше да му достави решение за куќен притвор. Реакција за неговото исчезнување имаше од претседателот на државата Стево Пендаровски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и премиерот Зоран Заев.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција преку соопштение до јавноста изјави дека се сомневаат дека при бегството на Мијалков, е извршено кривично дело помагање на сторител во извршено кривично дело. Тие најавија расчистување на ваквите сомненија.

На 23 февруари Мијалков сам се појави пред Обвинителството за организиран криминал, каде беше тргнат за да си го земе решението за куќен притвор.

Три дена подоцна, му беше досудена затворска казна од 12 години во случајот Таргет-Тврдина кој се однесува на незаконското прислушување на 20.000 граѓани во периодот од 2008 до 2015 година.

Сега Мијалков е во притвор во КПУ Затвор „Скопје“ до правосилноста на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“, односно до започнување на издржување на казната затвор од 12 години. Притворот може да трае најмногу 60 дена, според постојната законска регулатива.