Граѓански организации иницираа платформа за превенција од радикализација помеѓу младите

Неколку граѓански организации иницираат создавање платформа каде што преку едукација на младите ќе се работи на превенција од појава на радикализација. Оваа активност е главна цел на тригодишниот проект „Платформа за граѓанско образование на млади за борба против радикализација – (Младите против насилство)”, предводен од Иницијатива за Европска перспектива (ИЕП), во партнерство со организациите Нексус – Граѓански концепт, Здружението за развој и активизам – Аква од Струга, Центар за интеркултурен дијалог (ЦИД) од Куманово и организацијата Градење на заедницата од Митровица – Косово.

Досега овие организации одржаа три работилници на кои разговараа за контра-наративите и алтернативни наративи за спречување на радикализација што може да доведе до насилен екстремизам и тероризам и за улогата на граѓанските организации во превенција од радикализација.

Во рамки на работилницата која што се одржа во Куманово, во организација на Центарот за интеркултурен дијалог, реализацијата и идејата на проектот ја поздрави и советникот за млади и младински политики во Владата на Република Северна Македонија, Ѓорѓи Тасев, кој изрази огромно задоволство од креирање на платформата која ќе работи со младите и ќе ги зајакнува нивните капацитети во насока на градење мир, соживот и толеранција.

„Оваа платформа ќе ги обедини граѓанските организации кои работат со млади на темата радикализација и заеднички ќе работиме на спротивставување на насилството и радикализација на младите, преку подобрување на меѓуетничката соработка, почит и рамноправност, како и поголема промоција на спортот и уметноста. Во наредниов период ќе организираме низа средби, состаноци на кои ќе ги усвоиме правилата и процедурите на платформата, како и ќе организираме обуки како дел од процесот на јакнење на капацитетите на граѓанските организации,“ потенцира Валерија Соколова Стојановска – проектен директор Иницијатива за европска перспектива.

Во рамки на проектот, досега, се изработи и основна студија за состојбата со радикализација на младите, насилниот екстремизам и тероризам во Северна Македонија од страна на експертот Елена Миленкоска – Михаиловска. Таа објаснува дека промената во однесувањето на младите, нивните интереси и тенденции кон радикални, екстремистички дејствија и пропаганда први може да ги забележат семејството, наставниците и стручните служби во училиштата.

Во студијата се наведува дека “Превенцијата од радикализација и насилен екстремизам треба да опфати збир на мерки, активности кои ќе бидат во состојба да ги препознаат раните знаци на радикализација и навремено да ги неутрализираат. Ова подразбира соодветна обука на наставниците, работа со родителите преку редовни состаноци, како и предавање и дебата со учениците каде отворено ќе се зборува на овие теми“.

Сите граѓански организации кои работат со млади или темата радикализација, насилен екстремизам, може да се приклучат и да станат членки на платформата. За повеќе информации може да се обратат на некој од следниве е-маил адреси: [email protected] [email protected] [email protected] [email protected]