Фото: Мета.мк

По појавата некои луѓе да добиваат термини за вакцинација во друг град, Министерството за здравство ги информира сите граѓани кои се соочиле со ваков проблем и од таа причина не се појавиле вчера на вакцинација истото да го сторат денеска во местото каде живеат, односно на вакциналниот пункт во нивниот град.

Не е потребно повторно да се пријават ниту на vakcinacija.mk ниту кај својот матичен лекар, доволно е кога ќе дојдат на вакциналниот пункт да ја покажат пораката која ја добиле односно каде пишува дека вчера имале термин за вакцинација.

„Ова важи за сите граѓани кои и денеска или во наредните денови ќе се соочат со овој проблем“, велат од ресорот зравство.

Оттаму даваат пример – ако лицето добило порака дека треба да се вакцинира во Струга, а место на живеење му е во Скопје, енеска може да оди на кој било вакцинален пункт во Скопје но задолжително да ја прикаже пораката што ја добил за вакцинација.

„Доколку доказот дека има термин е валиден, лицето ќе се вакцинира веднаш“, додаваат оттаму.

Освен салите за масовна вакцинација во Скопје, Куманово, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Битола, вакциналните пунктови работат и во здравствените установи во Струмица, Прилеп, Гостивар, Кичево, Струга, Велес, Кочани, Дебар и Гевгелија.

Министерството за здравство апелира до граѓаните да го почитуваат терминот, односно времето кое го добиле за вакцинација за да не се создава метеж на вакциналните пунктови.