fbpx

Граѓаните се свесни за дезинформациите, но справувањето со ова зло мора да биде многу посилно

-

Главни чинители во намалување на ефектите од дезинформациите треба да бидат институциите задолжени за креирање на медиумските политики, но исто така и самите медиуми, односно новинарите. Но, потребен е систематски пристап, од повеќе фактори, порача истражувачот Ѓорѓи Митревски на сесијата „Состојби и предизвици поврзани со влијанието на дезинформациите во Северна Македонија“, во рамките на конференцијата „Справување со дезинформации во Република Северна Македонија“, која денеска ја организираше Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ од Скопје.

Тој всушност со тоа повтори една од главните препораки од истражувањето на „Метаморфозис“ „Ефектот на дезинформациите и странските влијание врз демократските процеси во Северна Македонија“, во чија изработка Митревски игра главна улога, заедно со Програмскиот директор на „Метаморфозис“, Филип Стојановски.

Митревски рече дека според истражувањето, огромен дел од граѓаните се свесни за присутноста на дезинформациите, како и дека околу 2/3 од нив препознаваат дезинформации во медиумите, но сепак дезинформациите, а посебно ширењето на авторитарните наративи, имаат влијание за поткопување на демократските вредности.

Фото: Мета.мк

„Граѓаните се свесни за распространетоста на дезинформациите во медиумите, речиси 90 отсто од граѓаните сметаат дека дезинформациите се навистина проблем во нашето општество, а притоа 2/3 од граѓаните на медиумите од кои се информираат забележуваат информации кои неточно или погрешно ја претставуваат реалноста. 2/3 од нив се сигурни дека може да препознаат дезинформации на медиумите на кои се информираат. Сепак закочените интеграции, дезинформациите, посебно ширење на авторитарни наративи имаат влијание во поткопување на демократските вредности и стратегиските определби на земјава“, рече Митревски.

Како пример за тоа, тој ги посочи сликата за Кина и Русија во умовите на граѓаните, која е претежно позитивна, наспроти Западниот систем и вредности, кон кои се ориентирани заложбите на државата.

„Поголем е бројот на граѓаните што веруваат дека кинескиот политички систем не е ништо полош од западните политички системи. Исто така е значително поголем бројот на граѓани што веруваат дека Русија има поголема воена сила од НАТО. Поголем број граѓани сметаат дека сојузништво со Русија и добивање поевтин руски гас би бил од пресудно значење за подобрување на економијата на државата. Исто така, се смета дека за нашата земја е покорисно сојузништво со големите словенски православни сила, како Русија отколку со САД и со ЕУ. Ова е само дел од наодите, има многу повеќе наоди, но со овие може да ја илустрираме сериозноста на дезинформациите во медиумите, коишто по подолго присуство може да доведат до поткопување на демократските вредности и стратешките определби на земјава“, рече Митревски.

Сепак, како што посочи тој, работите не се целосно црни, оти голем дел од граѓаните сметаат дека борбата против дезинформациите мора да биде поостра.

„Граѓаните сепак имаат интерес за промена на политиките. Огромен е бројот на граѓаните што сметаат дека дезинформациите треба да се санкционираат со закон. Главни чинители во намалување на ефектите од справување со дезинформациите треба да бидат институциите задолжени за креирање на медиумските политики, но исто така и самите медиуми, односно новинарите“, порача Митревски.

Според Катарина Синадиновска, претседател на Управниот одбор на Совет за етика во медиумите – СЕММ, медиумите мора да играат многу поголема улога отколку досега, затоа што според статистиките од претставките што СЕММ ги добива години наназад за прекршување на новинарските стандарди, најмногу се прекршува членот 1 од Кодексот на новинарите, кој предвидува дека новинарите мора да објавуваат проверени и точни информации.

Фото: Мета.мк

„Тоа значи дека доколку го прекршувате овој член, објавувате непроверени информации, со друг збор тоа се лажни вести, шпекулации и воопшто дезинформации. Каде е проблемот тука? Јас секогаш велам дека работата на факт-чекерите и проверката на информации откако ќе биде објавено е важна, меѓутоа не е доволно, оти штетата е веќе направена. Новинарите мора да знаат дека информацијата мора да се провери пред да биде објавена“, посочи таа.

И Синадиновска се согласува дека е потребен сеопфатен пристап во справувањето со дезинформациите, а тука освен новинарите и другите посочени фактори, мора да се вклучи и бизнис-заедницата, односно огласувачите, кои даваат голем дел од финансиите за функционирањето на медиумите. Сега, според неа, неправедно се финансираат медиуми што се распространувачи на дезинформации, шпекулации и сензационалност.

„Така, имаме ситуација оние што објавуваат шпекулации, а не се професионални, да имаат поголема читаност, а од друга страна и повеќе пари од реклами отколку оние медиуми што работат професионално и ги проверуваат информациите. Така имаме ситуација каде професионализмот страда, и тоа не смее да биде така“, посочи таа.

Во сесијата што ја модерираше Филип Стојановски од „Метаморфозис“ за опасностите од дезинформациите зборуваа и Андреја Стојковски, извршен директор на Преспа Институт и Росана Алексоска, менаџерка на проектот „Борба против лажни наративи“ на граѓанската асоцијација „Мост“.

Фото: Мета.мк

Според Алексоска, вистинската слика за дезинформациите во земјава може да се согледа ако тие не се гледаат само како поединечни случаи, туку ако се групираат според одликите, и така ќе се создаде сликата за дезинформациските наративи. Со други зборови, така полесно ќе се согледа и изворот на дезинформациите и намерите на оној што ги создава дезинформациите што потоа се пренесуваат и од медиумите и преку социјалните мрежи. Во голем број случаи, јасно е дека станува збор за Русија, посочи таа.

 

Целата конференција може да се погледне подолу:

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...