fbpx

Граѓаните при прошетка во заштитени подрачја треба да внимаваат да не ја нарушат природата

-

Дури шест закони опишуваат што сѐ е забрането во природата, меѓу кои е и Кривичниот законик. Законот за заштита на природата, пак, се однесува конкретно на заштитени подрачја. При тоа се идентификуваат преку 35 активности кои се забранети – од дивоградби, нелегално депонирање на отпад, па до криволов и нелегална сеча, потсетува „Натура МК“.

Државниот инспекторат за животна средина е институција која е задолжена за надзорот над спроведувањето на Законот за заштита на природата. Директорката Ана Петровска појаснува дека во заштитените подрачја се издвоени зони со различен степен на заштита: зона на строга заштита, активно управување и одржливо кориистење. Во секоја од овие зони, посочува таа, се утврдени забранети и дозволени активности.

„Инспекторите и ренџерите од заштитените подрачја се грижат да се спречи палење оган, што е забрането на целата територија на заштитените подрачја. Се контролира собирањето на растителни видови што не се заштитени и што е дозволено само во зоните за одржливо користење, а забрането е во зоните за строга заштита и активно управување. Ловот и риболовот е забранет на целата територија на заштитените подрачја. И покрај тоа што е дозволено движење со моторни возила во зоните за одржливо користење и активно управување, пожелно е граѓаните да пешачат или да возат велосипед за да се намали загадувањето и да се спречи вознемирување на дивиот свет“, вели Петровска.

Определбата на забранети и дозволени активности постои за да се зачува природата и да се насочат граѓаните кон паметно користење на природата.

Националниот парк Маврово е едно од заштитените подрачја кое преку своите веб-страници (www.npmavrovo.org.mk и www.npmavrovo.mk) им нуди информации на посетителите за можностите и правилата во паркот.

Оттаму соопштуваат дека поставиле информативни табли за спортски риболов долж реката Радика и Мавровското Езеро кои означуваат каде и како тоа е дозволено. Има и табли со појаснување за собирањето диви видови растенија и печурки во населените места од каде жителите се занимаваат со собирање, а има и информации за правилно одлагање на отпадот. Патеките во паркот, пак, се маркирани и достапни на официјалната веб-страница.

„Досега не сме имале проблем некој да се загуби или да не ја следи патеката, а тоа е важно бидејќи патеките ги одбегнуваат строго-заштитените зони на паркот каде движењето е забрането. Ние имаме и инфо-центар во Маврови Анови, каде секој посетител е добредојден во работното време да се информира за можностите и за правилата во паркот. Меѓутоа, додека странските граѓани се редовни посетители на инфо-центарот, бројот на домашни посетители кои влегуваат во инфо-центарот е премногу мал. Се надеваме дека интересот за информирање на домашните ќе се зголеми“, вели Самир Ајдини, директор на ЈУНП „Маврово“.

Националниот парк Маврово располага со 16 ренџери кои работат во две смени и чија задача е да го чуваат од бесправни активности.

„Тие при средба со посетителите и жителите на паркот, пред сè информираат и едуцираат за тоа што е дозволено. Меѓутоа, Паркот се протега на навистина голема површина и потребно е и посетителите да бидат свесни за важноста да се чува паркот“, додава Ајдини.

 

Ресурсите со кои располагаме се наше богатство

Многу земји низ светот сè повеќе ја сфаќаат важноста на нејзиното зачувување, а во тоа улога имаат и граѓаните преку нивното учество и интеракција со природата.
„Светскиот ден за заштита на природата е уште еден потсетник дека ресурсите со кои располагаме се наше богатство. Природата ни дава бројни користи: вода, почва, дрва, храна, па и задоволство, одмор и рекреација. За жал со некои од овие ресурси располагаме во ограничени количини “ вели Анела Ставревска – Панајотова од Натура МК.

„Сите граѓани имаат корист од природата, но некои граѓани се и зависни од неа, бидејќи за финансиски да опстанат се занимаваат со собирање на диви видови растенија и печурки“, додава таа.

Натура МК работи на проект за вклучување на јавноста во борба против нелегалните активности во високопланинските предели на заштитените подрачја, како процес кој е потребен за да се воспостави паметно користење на природата и да се зачува природата. При тоа открива дека во голема мера ниту локалното население, ниту посетителите не се запознаени со тоа што е дозволено, а што забрането да се прави во заштитените подрачја.

 

Што можеш ти да направиш и да ја заштитиш природата?

При вашата следна посета на заштитено подрачје информирајте се нешто повеќе за заштиеното подрачје, интернет страниците на заштитените подрачја имаат доволно информации за почеток, на пример: www.galicica.org.mk, www.npmavrovo.org.mk, www.nppelister.mk или www.vevcani.mk. Национален парк Галичица дури има изработено и апликација за телефон со информативни содржини.

Посетете го локалниот инфо центар и добијте информација директно од лицата надлежни за заштита на природата. Oднесувајте се паметно и со почит кон природата, односно не ја оштетувајте и не оставајте отпад. Доколку просведочите неправилност, обратете се до установата која управува со заштитеното подрачје и до Државниот инспекторат за животна средина.

За заштитените подрачја
Како значаен пример за историјата на Република Северна Македонија во однос на заштитата на природата е станувањето членка на УНЕСКО на 28 јуни 1993 год. При што, под заштита на организацијата кај нас е регионот на Охрид со неговите културни, историски и природни реткости.
Првото заштитено подрачје во Република Северна Македонија е прогласено во 1948 година, а тоа е Национален парк „Пелистер“.

Во земјава има 81 заштитено подрачје, од кои како позначајни заштитени подрачја се издвојуваат четирите национални паркови: „Галичица“, „Маврово“, „Пелистер“ и „Шар Планина“ како најнов, a најбројни се спомениците на природа, дури 61, меѓу кои е и „Вевчански извори“.
Најголемо заштитено подрачје е Национален парк „Маврово“ кој се протега на површина од 72.204,1 ha или тоа е еквивалентно на 101.000 фудбалски игралишта.

Споменикот на природата „Вевчански извори“ бележи најбурна историја поврзана со неговото назначување и борба на локалното население за негова заштита. Имено во 1987 година, локалното население се противело на каптирање на водата од изворите при што специјални полициски сили интервенирале и за првпат во тогашна Југославија биле употребени „електрични пендреци“, а својот статус на заштитено подрачје го добива за прв пат во 1999 година.

Национален парк „Галичица“ има навистина богата биолошка разновидност: неколку стотини видови кои се ретки или заштитени, а има и голем број кои ги има само во паркот, односно: 29 таксони алги, 12 видови васкуларни растенија, 68 таксони без‘рбетни и 4 таксони од ‘рбетни животни се среќаваат само во границите на паркот.

Национален парк „Шар Планина“ е најновото заштитено подрачје, прогласено на 30 јуни 2021 година.

***
Активностите за подигање на јавната свест за заштита на природата, кои ги спроведува Натура МК се дел од грантовата шема од проектот „Заштитени подрачја за природата и луѓето II 2019-2022 година“ спроведуван од Светскиот фонд за природа – WWF Adria, а поддржан од Шведската меѓународна агенција за развој и соработка – SIDA. Содржините и ставовите искажани се на авторите и не ги отсликуваат тие на SIDA.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Доналд Туск: Во ризик сме од војна, Европа не е подготвена

Полскиот премиер Доналд Туск изјави оти смета дека постои огромен ризик од војна и оти никој во Европа нема да се чувствува безбедно доколку Русија победи во Украина, пренесува...