Како се трошат парите од државниот буџет, врз основа на кои документи Владата носи одлуки, што се случува со предлозите доставени од граѓаните и какви резултати даваат антикорупциските мерки? Ова се дел од информациите од јавен интерес што и понатаму не се доволно достапни на интернет-страниците на институциите. Иако Владата на Северна Македонија останува најотворена во регионот, а Собранието е второ меѓу парламентите, најновите анализи на Фондацијата „Метаморфозис“ покажуваат дека граѓаните сè уште немаат целосен увид во трошењето на јавните пари, подготовката на законите и процесите на одлучување.
Институциите објавуваат буџети, соопштенија, дневен ред и информации за своите активности, но значително поретко објавуваат документи што овозможуваат да се провери како се реализираат планираните активности, колку пари навистина се потрошени и зошто е донесена определена одлука. Разликата меѓу формалното објавување информации и суштинската отчетност е еден од клучните проблеми на кои укажуваат анализите за отвореноста на извршната и законодавната власт.
Според Индексот на отвореност 2026, кој ја оценува состојбата во 2025 година, Владата исполнува 75,84 отсто од индикаторите, што е намалување во однос на претходното мерење, кога резултатот изнесувал 77,32 отсто. Министерствата имаат просечна исполнетост од 61,13 отсто, а извршните органи 56,87 отсто. Македонското Собрание, пак, со 76,49 отсто исполнетост на индикаторите го задржува второто место во регионот, зад парламентот на Црна Гора. Но, добрите регионални позиции не значат дека јавноста навремено ги добива сите информации неопходни за да ја контролира работата на институциите.
Една од најизразените слабости се однесува на финансиската транспарентност. Иако државниот буџет е јавно достапен, недостигаат документи преку кои граѓаните би можеле поедноставно и континуирано да следат како се трошат јавните средства.
Според анализата на „Метаморфозис“, не е објавен Граѓански буџет, документ што треба на разбирлив начин да им ги претстави на граѓаните планираните приходи и расходи на државата. Не е објавен ниту полугодишен извештај за извршувањето на државниот буџет, а недостигаат и поединечните одлуки за користење на средствата од буџетската резерва.
Уште позагрижувачка е состојбата со редовното финансиско известување на институциите. Од 20 анализирани министерства, само три, односно 15 отсто, објавуваат периодични финансиски извештаи. Кај 18-те извршни органи, вакви извештаи објавуваат само две институции, односно 11,1 отсто.
Ова значи дека, и кога граѓаните можат да видат колку пари планирала да потроши одредена институција, не секогаш можат да проверат колкав дел од средствата навистина бил потрошен во текот на годината, за кои активности и дали трошењето соодветствува на првичниот план. Проблемот не е само во достапноста на финансиските документи, туку и во можноста јавноста навремено да реагира ако забележи неправилности или нерационално трошење.
Од друга страна, анализата бележи подобрување кај јавните набавки. Плановите за јавни набавки ги објавуваат 90 отсто од министерствата, повиците 95 отсто, а одлуките и договорите по 90 отсто. Годишни извештаи за јавните набавки објавуваат 85 отсто од министерствата, наспроти 65 отсто во претходното мерење.
Владата објавува одлуки, но не и сите документи врз основа на кои се донесени
Друг проблем е ограничената транспарентност на процесот на одлучување. Седниците на Владата не се отворени за јавноста и не се пренесуваат во живо, а записниците што се објавуваат не содржат доволно информации за тоа како се донесени одлуките. Владата и понатаму селективно одлучува кои точки од дневниот ред и кои придружни документи ќе бидат достапни за јавноста. Така, граѓаните можат да дознаат дека е усвоена одредена мерка или одлука, но не секогаш и кои анализи, аргументи или процени претходеле на нејзиното донесување.
Недостигот од целосна документација ја ограничува можноста на новинарите, граѓанските организации и пошироката јавност да го следат процесот на одлучување и да проценат дали одлуките се донесени во јавен интерес. Дополнителен проблем е што Владата не ги објавува систематски одговорите на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Според анализата, со објавувањето на ваквите одговори би се намалила потребата граѓаните, новинарите и граѓанските организации повеќепати да бараат исти или слични информации.
Иако институциите се присутни на интернет и на социјалните мрежи, тоа не значи дека граѓаните можат лесно да комуницираат со нив. Анализата покажува дека само пет од 20 министерства, односно 25 отсто, имаат директен онлајн канал преку кој граѓаните можат да поднесат претставка, поплака или жалба. Тоа се министерствата за финансии, транспорт, одбрана, здравство и спорт.
Само четири министерства, односно 20 отсто, објавуваат јасни упатства за постапката за поднесување претставки и жалби.
Кај извршните органи, шест од 18 институции имаат директен онлајн канал за комуникација со граѓаните, додека осум објавуваат упатства за поднесување претставки, поплаки и жалби. Од друга страна, само шест од 18 извршни органи имаат објавено одговори на најчесто поставуваните прашања.
Овие податоци покажуваат дека голем дел од институционалните интернет-страници сè уште функционираат претежно како канали за еднонасочно информирање. Граѓаните можат да прочитаат што соопштила институцијата, но не секогаш имаат едноставен механизам за поставување прашања, пријавување проблеми или добивање конкретни насоки.
Токму пристапноста е најслабо оценетата област кај извршната власт, со просечна исполнетост од 50,83 отсто. Министерствата исполнуваат само 42,33 отсто од индикаторите во оваа област, а извршните органи 37,96 отсто.
Граѓаните даваат предлози но тешко дознаваат што се случува со нив
Според анализите, еден од најсериозните недостатоци се однесува на јавните консултации при подготовката на законите и политиките. Иако постојат механизми преку кои граѓаните, експертите и граѓанските организации можат да доставуваат коментари на предложените законски решенија, институциите не обезбедуваат доволно јасни и лесно достапни информации за тоа што се случува со добиените предлози.
Ниту едно од набљудуваните министерства не објавува годишен план за јавни расправи и консултации на својата интернет-страница. Само три министерства го исполнуваат критериумот за објавување повици за јавни дебати и консултации.
Уште послаба е состојбата со повратните информации. Според Индексот, само Министерството за животна средина и просторно планирање го исполнува индикаторот за објавување извештаи од спроведените јавни консултации на сопствената интернет-страница, вклучително и писмени образложенија за добиените коментари и предлози.
Ова не значи дека другите институции воопшто не одговараат преку Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), туку дека информациите за исходот од консултациите не се доволно систематски и видливо објавени на нивните веб-страници. Проблемот е значаен бидејќи можноста граѓанинот да достави коментар сама по себе не гарантира учество во креирањето на политиките. Потребно е институцијата да објасни дали предлогот бил прифатен или одбиен и зошто.
Според податоците наведени во анализата, поврзани со спроведувањето на процената на влијанието на регулативата во 2025 година, само 36,5 отсто од релевантните документи биле објавени на ЕНЕР. Тоа значи дека повеќе од 63 отсто од предлог-законите опфатени со овој показател не биле достапни за јавни коментари во пропишаниот минимален рок од 30 дена.
Слични слабости се забележуваат и во законодавната власт. Иако Собранието има релативно висок степен на отвореност и редовно објавува дневни редови, предлог-закони, стенографски белешки и резултати од гласањето, анализата укажува дека јавноста не секогаш има доволно време и информации за суштински да учествува во законодавниот процес.
Во 2025 година Собранието донело 220 закони, од кои 121, односно 55 отсто, биле усвоени по скратена постапка. Од законите донесени по скратена постапка, 95 биле предложени од пратеници, а 26 од Владата.
Иако значителен дел од овие закони биле поврзани со технички и организациски усогласувања по реорганизацијата на државната управа, фактот дека повеќе од половина од законите се донесени по скратена постапка го ограничува просторот за поширока расправа.
Во текот на 2025 година Собранието организирало осум јавни расправи, додека преку Парламентарниот караван биле вклучени 2.376 граѓани во 10 градови. Сепак, јавните консултации и понатаму во голема мера зависат од иницијативите на поединечни собраниски комисии.
Анализата посочува дека не постои единствен интегриран систем преку кој јавноста би можела да го следи целиот процес на донесување закон, од првичниот предлог и доставените коментари, до измените во текстот и конечната одлука на Собранието.
Тоа значи дека граѓаните можат да го прочитаат усвоениот закон, но не секогаш можат да утврдат како се менувал низ постапката и дали нивните предлози имале влијание врз конечната содржина.
Антикорупциски политики има, но извештаи до каде се речиси и да нема
Посебен проблем претставува транспарентноста на мерките за спречување на корупцијата. Најголемиот дел од министерствата имаат воспоставено основни механизми за интегритет, вклучувајќи политики за спречување корупција и информации за заштита на укажувачите. Но, податоците за тоа како овие политики се спроведуваат се значително поретки.
Само две од 20 министерства, односно 10 отсто, имаат објавено последен годишен извештај за спроведувањето на политиката за интегритет или друга внатрешна антикорупциска политика. Станува збор за Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана.
Тоа значи дека кај 90 отсто од министерствата јавноста нема можност преку вакви извештаи да провери кои антикорупциски мерки биле реализирани, кои останале неспроведени и какви резултати биле постигнати.
Кај извршните органи, извештаи за спроведувањето на политиките за интегритет објавуваат само три од 18 институции. Ова покажува дека постоењето антикорупциска политика не е исто што и јавна отчетност за нејзиното спроведување. Без редовни извештаи тешко може да се процени дали усвоените механизми даваат конкретни резултати.
Резултатите од Индексот покажуваат и големи разлики меѓу институциите. Министерството за одбрана има највисока вкупна исполнетост на индикаторите меѓу министерствата, со 90,74 отсто, додека кај извршните органи најдобро е рангирана Агенцијата за храна и ветеринарство со 81,65 отсто. Најнизок резултат меѓу извршните органи има Државниот инспекторат за транспорт, со 29,41 отсто.
Истражувањето покажува дека отвореноста сè уште не е доволно воспоставена како трајна институционална практика, туку во значителна мера зависи од раководствата, организациските промени и ангажманот на поединечни службеници.
Проблем останува и форматот во кој се објавуваат информациите. Кај Собранието, значителен дел од документите сè уште се достапни исклучиво како ПДФ-датотеки, што ја ограничува можноста за нивна понатамошна анализа и повторна употреба. Кај извршната власт, министерствата исполнуваат само 33,34 отсто од индикаторите за отворени податоци.
Анализите на „Метаморфозис“ укажуваат дека институциите треба да преминат од формално исполнување на обврските за транспарентност кон систематско, навремено и разбирливо објавување информации што овозможуваат јавна контрола.
За граѓаните, суштинското прашање не е само дали институцијата има функционална интернет-страница или колку соопштенија објавила. Поважно е дали можат да дознаат како се потрошени парите од буџетот, врз основа на што е донесена одлука, што се случило со нивниот предлог и дали институцијата ги исполнила ветените мерки.
Проектот „Искористување на технологијата за промовирање на институционална одговорност и транспарентност“ го спроведува Центар за демокраска транзиција (Црна Гора) во партнерство со Фондацијата за интернет и општество, „Метаморфозис“, Граѓанско здружение Зошто не? (Босна и Херцеговина) и Партнери за демократски промени Србија (Србија), со финансиска поддршка на Национален фонд за демократија
