fbpx

Граѓаните мора лично во судот да однесат доказ за платен судски паушал, но треба да си побараат и заверка

-

Граѓаните се прашуваат дали е законски тие да мора да одат во судот и лично да ја доставуваат уплатата за судски паушал за сторен прекршок. Адвокатот Ѓорѓи Поп Кочев за „Вистиномер“ дека ваквата обврска, граѓанинот лично да ја однесе уплатницата, е законска, бидејќи нема како поинаку странката да докаже дека платила. Проблемот, вели Поп Кочев е во тоа што судовите кај нас сè уште не се дигитализирани, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Зошто луѓето мора да ја доставуваат уплатата за судски паушал за сторен прекршок лично во Судот? Ова особено ги иритира граѓаните во услови на пандемија. Тие се прашуваат, дали на судовите им стигнува извод од банките за извршена уплата? Граѓаните се прашуваат дали е законски тие да мора да одат во судот и лично да доставуваат сметки. Истиот проблем граѓаните го имаат и кога плаќаат казна за сообраќаен прекршок во МВР. И МВР бара уплатницата како доказ за платената казна, лично да се достави во полициската станица од каде ви ја напишале казната.

Од друга страна има и облигационо право според кое должникот е должен да го плати тоа што го должи, но не после и да оди кај доверителот да му докажува дека платил со уплатница. Никој од нас кога ќе платиме струја, вода или парно не оди после во ЕВН, Водовод или БЕГ да им докажеме дека стварно сме платиле.

Дали должник на пари во суд, можеби не е исто како и должник на пари во ЕВН?

На оваа тема „Вистиномер“ побара одговори од адвокатот Ѓорѓи Поп Кочев. Тој ни објасни дека ваквата обврска, граѓанинот лично да ја однесе уплатницата, е законска, бидејќи нема како поинаку странката да докаже дека платила. Проблемот, вели Поп Кочев е во тоа што судовите кај нас сè уште не се дигитализирани.

Судот и МВР се буџетски корисници и кога уплаќате на сметка на судот или на МВР парите одат на контото на буџетската сметка, односно во Министерството за финансии. Министерството за финансии не праќа повратна информација дали некој платил и колку платил. Тоа значи дека нема двонасочна комуникација, односно Министерството не им праќа информација на своите корисници кога ги прокнижува фактурите. Оттука и судот не може да знае дали некој нешто платил и која сума ја уплатил – вели Поп Кочев.

Тоа не е случај со плаќањето сметки за струја или за парно. Граѓаните немаат обврска, на пример, платените сметки да ги носат во ЕВН или во БЕГ.

Ако сте приметиле, на сметките на ЕВН и БЕГ имате фолио број и по тој број се прокнижуваат фактурите, тоа компаниите автоматски, односно дигитално го прават. Вие добивате повратна инфромација дека таа и таа фактура со тој износ е платена. Судот и МВР немаат таква можност. Дури и ако ја платите казната или судскиот паушал онлајн, преку вашата дигитална сметка, судот потоа ќе ви бара да отидете во банка и банката да ви ја завери наплатата, па таа заверка да ја однесете во судот – објаснува адвокатот.

Сето ова е небулозно во доба кога сè е дигитализирано, додава тој. Според него, проблемот би се решил само кога судовите би се дигитализирале.

Во ваква ситуација како што е, судот треба да вработи стотици луѓе кои само би ги прокнижувале фактурите со наплата, а тоа е невозможно – посочува Поп Кочев.

Од друга страна, голем број граѓани се жалат дека откако ќе ја однесат уплатницата во судот, се случува истата да им биде загубена, а со тоа да го снема и доказот за платената казна.

Сето тоа се случува поради неинформираност на странките. Странките мора да знаат дека кога ја носат уплатницата мора да почекаат да им ја завери судот, односно да им состави записник за извршена уплата, не само да ја подаваат сметката и да си одат. Тоа МВР не го прави, не заверува, меѓутоа судот врши заверки, и вие како странка мора да си побарате заверка – објаснува адвокатот Поп Кочев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украина не мобилизира лица со Даунов синдром

Лицата со хромозомски пореметувања со значителни дисфункции, вклучително и лицата со Даунов синдром, не можат да служат војска, според Правилникот за воено-медицински преглед во вооружените сили на Украина. Украинскиот...