Да престане уништувањето на водените ресурси заради изградба на мали хидроцентрали, апелираат од невладината орханизација „Еко свест“. Тие реагираат на последниот случај на, како што велат, уништувањето на горниот тек на Маркова река, заради изградба на мала хидроелектрана, за што деновиве на социјалните медиуми реагираа и многу жители на Скопје. Екологистите се децидни дека Владата мора да ги запре сите градежни активности на издадените концесии и да направи нови проценки за нивниот потенцијал.
„Еко-свест најстрого ги осудува последните случувања со катастрофалното уништување на реките во државава за изградба на мали хидроелектрани. Во услови кога последиците од климатските промени зачестуваат и се зголемуваат во интензитет, ние како земја во развој која нема финансиски средства да се справи со овие последици едноставно не можеме да си дозволиме да останеме без водените ресурси од кои зависиме за вода за пиење, вода за земјоделието и вода за одржување на скапоцени екосистеми“, вели Ана Чоловиќ- Лешоска од Еко-свест.
На Маркова река постојат три концесии за мали хидроелектрани, кои беа доделени во 2015 година со вкупна инсталирана моќност од 1.752 киловат-часови. Во моментов е започната само една, во горниот тек на Маркова река, за која деновиве жителите на околните населени места реагираа до невладините организации. Велат дека заради градежните работи, коритото е целосно нарушено, а се плашат дека со продолжување на активностите на терен ќе биде полошо.
„Градежните работи се одвиваат секој ден, околината на реката е целосно изменета, стариот селски пат за да ја издржи механизацијата е проширен, а за таа намена ископан е половина рид, од каде што се вадени камења и друг материјал. Околку градилиштето е уништена целата природа, некогаш, жителите и луѓето кои доаѓаа во викенд населбите, можеа да прошетаат до реката, сега сè е затрупано. Тешката механизација поминува точно покрај манастирот, се надевам дека со вибрациите нема да направат оштетувања“, вели Андреј Аврамов, кој живее во Маркова Сушица.
Изградбата на овие проекти во недопрени и природни предели, со повеќе од познатата лоша градежна пракса, сметаат екологистите, ја уништуваат геоморфологијата на реките, биодиверзитетот, природните вредности и екосистемските услуги кои овие предели ги овозможуваат за луѓето како чист воздух или чиста вода за пиење. Во нeдостиг од инспекциска контрола и надзор, овие зафати стануваат чести мини еколошки катастрофи низ земјата.
„Сметаме дека во вакви услови очигледно е дека изградба на мали хидроелектрани е неразумно и неоправдано бидејќи во блиска иднина ние ќе се соочиме со хидроелектрани на суви речни корита. Владата мора да ја стави заштитата на водените ресурси и здравјето на граѓаните како висок приоритет во мерките за прилагодување на климатските промени и да ги запре сите градежни активности на издадените концесии за мали хидроелектрани во земјава кои би требало да се повлечат и да се направат нови проценки за нивниот потенцијал за електрична енергија согласно најновите податоци и најновите климатски услови“, посочуваат од „Еко свест“.
Според проценките за климатски екстреми во нашата земја направени за потребите на третиот извештај за климатски промени кој треба да го поднесеме до Рамковната конвенција за климатски промени, во периодот помеѓу 2016 и 2035 година, температурите во земјава ќе растат за еден Целзиусов степен годишно, а летните денови ќе се зголемуваат за 20 до 30 дена. Климата ќе биде потопла и посува со зголемен ризик од продолжени сушни периоди.
„Оваа летна сезона сведочиме и на драстично повлекување на Преспанското езеро, како и пресушување на многу од реките во земјата, а земјоделците се соочени со потешкотии поради периоди на продолжена суша во услови на зреење на плодовите кога водата е најпотребна за да се добие производ со добар пласман. Последниот извештај на Обединетите нации за влијанието на климатските промени врз водените ресурси од март 2020 година укажува на проблем со сè позачестени и продолжени сушни периоди кои веќе предизвикуваат сериозен недостиг на вода во многу делови од светот. Според овој извештај дури 2,2 милијарди луѓе во светот денес немаат пристап до вода за пиење, а се очекува овој број забрзано да расте до 2050 година. ООН предупредува и дека продолжените сушни периоди ќе предизвикаат зголемување на болести, недостиг на храна и раселување на населението. Токму затоа се препорачува државите да ги приоретизираат водените ресурси во планирањето на сите политики“, предупредуваат екологистите.