Граѓаните бараат казни за загадувачите и чиста вода за пиење во домовите

Фото: Nicolas Comte, Unsplash

Почест мониторинг на квалитетот на водата за пиење, населението директно да се информира за резултатите од мерењата и да се обезбеди еднаков пристап до вода за пиење за сите граѓани во државата преку инвестиции во нова и одржување на постојната инфраструктура. За поефективна контрола и санкционирање на загадувачите потребен е редовен инспекциски надзор, како и подобра едукација на граѓаните за заштита на водите од најмала возраст.

Ова се дел од препораките на учесниците на дискусијата со граѓани „Достапна и чиста вода за сите“, која ја спроведе Институтот за европска политика (ЕПИ) во соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамки на кампањата „Разбистри сè“, информираат од Институтот за комуникациски студии.

И покрај релативно високото ниво на покриеност со водоснабдителни системи во државата, сепак граѓаните, особено жителите во руралните средини и приградските места, се соочуваат со прекини во водоснабдувањето, кои почесто се јавуваат во летните месеци и траат и по неколку часа во денот.

„Оние кои самостојно се снабдуваат со вода за пиење преку бунари, самопридонес и базени за зафат на вода, за време на летото имаат недостаток на вода и слаб притисок на доводот и остануваат без чиста вода за пиење“, велат од „Разбистри сè“.

Според учесниците, проблемот за пристапот и достапноста на вода за пиење се должи на старите цевки, дефектите и оштетувањата во водоснабдителните системи, како и на зголемениот број новоизградени објекти и диви приклучоци кои ги оптоваруваат градските водоводни мрежи. Како проблем го посочија и лошото менаџирање со јавните комунални претпријатија и вработувањето на нестручен кадар.

Тие сметаат дека плаќаат повисока цена од реалната и дека во некои населени места нискиот квалитет на водата за пиење дополнително го зголемува револтот кај жителите кои одбиваат да ги плаќаат сметките за вода.

Учесниците на овој настан укажаа и на загадувањето на површинските води. Сметаат дека постои ниска свест и индивидуална одговорност кај граѓаните кои фрлаат ѓубре, смет и кабаст отпад во реките, дека индустриските капацитети загадуваат преку директно исфрлање на штетни материи и отпад во реките, дека рудниците се потенцијална закана за површинските води преку директно загадување или загадување на подземните води и дека потенцијална закана е и употребата на хемикалии во земјоделството.

Тие предлагаат изградба на нови и одржување на постојните пречистителни станици, како и отворање центри за управување со отпадот т.н. регионални депонии, кои ќе го третираат отпадот кој сега често завршува во реките и езерата.

Покрај дискусијата, учесниците можеа да добијат одговори на нивните прашања од експертката и адвокатка за заштита на животна средина Евгенија Крстевска. Според неа, доколку прекините на вода за пиење траат повеќе од 12 часа, комуналните претпријатија се должни да обезбедат вода за населението во тој период со цистерни или преку подвижни чешми.

Крстевска укажа на парадоксот во Законот за водоснабдување дека граѓаните мора да ја платат сметката за вода, иако водата за пиење не е квалитетна или корисниците не се задоволни од нејзиниот квалитет. Ако граѓаните се сомневаат во квалитетот на водата, можат самите да соберат мостри и да ги достават на анализа до институтите за јавно здравје, а правото на пристап до квалитетна вода за пиење можат да го остварат и преку судска постапка, посочи експертката.